Голден Арт ги освои бодовите на жешкиот терен во Неготино

Голден Арт продолжува победнички во Супер лигата, откако на тешкото гостување кај Вардар Неготино дојде до значаен триумф од 26:24.

Тимот предводен од Владимир Глигоров во првото коло го надигра и дебитантот Мулти Есен и со новите три бода си ги зголеми шансите за добар пласман во својата група.

Почетокот на дуелот во Неготино донесе два црвени картони кај двата табора. По предноста на домаќините од 4:2, на теренот дојде до мала расправија меѓу српскиот интернационалец Кериќ и кружниот напаѓач на Голден Арт, Давид Даев, по што судиската двојка Вукашиновски и Трајковски одлучи на двата споменати ракометари да им додели црвен картон.

Гостите при негатива од 5:4 во два наврати не реализираа за изедначување, па домаќинот со голот на Орешков повторно дојде до плус два, 6:4. До половината на првиот дел на теренот имаше постигнато малку погодоци, вкупно 11. Вардар Неготино на крилата на голманот Ацев, кој до 15-та минута имаше пет интервенции, во 18-та минута успеа повторно да дојде на максималната разлика од воведниот дел и да зголеми на 7:5.

Ракометарите на Котевски во 22-та минута со голот на Орешков зголемија на највисоките дотогаш три гола позитива и предност од 10:7. Скопскиот тим пред финишот од првото полувреме на двапати изедначи (11:11 и 12:12), но домаќините со головите на Орешков и Адамовиќ заминаа на полувреме со активен резултат од 14:12.

Вардар Неготино во вториот дел, односно до 40-та минута ја одржуваше предноста од првите 30 минути. Голден Арт предводен од Шилегов се врати во игра израмнувајќи на 20:20. По неколку промашени напади на двете страни, гостинскиот тим во 47-та минута дојде до првото водство на дуелот, поведе со 21:20.

Избраниците на Глигиров до крајот беа во поволна позиција, бидејќи во финишот влегоа во брзина и голем акцент ставија на Орешков, Митевски и Адамовиќ, сите тројца дадоа вкупно 11 погодоци во првиот дел. На осум минути пред крајот, тимот на Голден Арт зголеми на 23:21, дојде и до 25:22 во 56-та минута. Домаќините на петнаесетина секунди имаа шанса за реми, откако намалија на 25:24, но во својот последен напад направија грешка, па така сите долеми околу победникот веќе беа решени.

Најефикасен во победничката екипа беше Мице Шилегов со девет погодоци. Голема улога во триумфот на Голден Арт имаше и Димитар Бардакоски. Младиот голман имаше неколку клучни интервенции во последните десет минути. Кај Вардар Неготино се истакна искусниот Лазар Адамовиќ со осум погодоци.