Гавашелишвили останува во Прилеп – заминуваат Гичев и Павлов

Екипата на Прилеп, која избори опстанок во Супер лигата, во следната сезона ќе влезе со изменет играчки кадар, откако неколку ракометари, вклучувајќи го и тренерот, го напуштија клубот, а за новата сезона се бараат алтернативни решенија за испразнетите позиции.

Раководството на клубот во своите редови го задржа репрезентативецот на Грузија, левиот бек, Мириан Гавашелишвили. Младиот ракометар беше еден од најдобрите играчи во Прилеп во минатата сезона, во која постигна 51 гол на 21 одиграни натпревари.

Пред извесен период, сонародникот на Гавашелишвили, десното крило, Реваз Чантурија ја наследи тренерската позиција од довчерашниот тренер Горан Кузманоски, а од играчкиот кадар замина и средниот бек, Марио Гичев, како и десниот бек, Хари Павлов (Холабрун).

Претходно клубот го напуштија Даниел Андоновски, Хазеин Рустамов и Зураб Цинцадзе, кои ги засилија редовите на амбициозната екипа на Охрид и Марко Трајковски, кој се пресели во повратникот во Супер лигата – Голден Арт.

Прилепчани во следната сезона ќе бидат дел од групата А заедно со Вардар Неготино, Струга, Вардар, Бутел Скопје, Алкалоид, Охрид и Куманово.