„Во Вардар сум за да му помогнам на тимот“

Само две недели е Шпанецот Едуардо Гурбиндо во Скопје и уште се аклиматизира во „црвено-црните“ редови. По првиот официјален меч сезонава тој открива каде и како се гледа во тимот, кои се неговите очекувања и која смета дека ќе биде неговата улога во екипата.

„Секогаш кога потпишувам за некој клуб, претходно Барселона и Нант, сега за Вардар, не очекувам да бидам лидер, да бидам најважната алка во тимот. Мојата филозофија е да дојдам во еден клуб и да помогнам. Да му помогнам на тимот, на соиграчите, на тренерот и сите заедно да дојдеме до победа. Сакам да се натпреварувам, сакам конкуренција затоа што таа ти помага да пораснеш и сакам победнички менталитет. За мене секогаш најважниот натпревар ќе биде утрешниот. Не мислам на Ф4 или на титули, туку мислам на следниот меч кој ме чека, мене и екипата. Повеќе сум тимски играч отколку индивидуалец иако многупати сум добивал критики од тренерите дека треба да одам на шут, да постигнам погодок повеќе. Јас поудобно се чувствувам кога ќе асистирам или ќе отворам простор за соиграчот да постигне гол. Тоа е мојот стил на игра, да играм со сите! Ракометот е тимски спорт и затоа играм ракомет, затоа што знам дека има уште петмина со мене на теренот на кои можам да се потпрам. Предизвик ми е да играм тука и да покажам дека сум уште на нивото од Шпанија и Франција“, објаснува десниот бек и додава: „Факт е дека имав тешко лето и дека чувствувам умор, но тоа не значи дека нема да си ја работам работата. Паметен сум, знам како да се одморам и да се заштитам и истовремено да дадам сè од себе на теренот, без разлика на крајниот исход. Можеби сум повеќе играч во сенка, но си го завршувам мојот дел од работата и ќе го покажам тоа и во Вардар.

Подолу погледнете го комплетното интервју со Шпанецот.

ИНТЕРВЈУ ЕДУАРДО ГУРБИНДО: Сите ми рекоа ќе бидеш среќен во Скопје!