Брестовац: Ја преземам одговорноста за сите потези

Машката сениорска репрезентација на Македонија има делумен ефект по две кола од Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска. Селекторот Данило Брестовац со кратка анализа за натпреварот против Чешка.

„Секако ќе моравме да одиме против Австрија дали ќе беше тоа за подобар пласман или за сега оваа ситуација дали остануваме или си одиме, во секој случај одиме на победиме. По овој пораз со Чешка сите сме насочени кон подобра подготовка со Австрија. Нивниот бек погоди неколку пати од 12 метри и со 140 на часа, не можеме да превидиме ништо. Имавме една ситуација во која Здрахала погоди од полуконтрола, ја погоди над Митревски. Кога го гледав мечот можев да забележам дека Чесите во одредени моменти како да беа похрабри од нас, порешителни, земаа одговорност, реализираа, ние нашите шанси ги промашивме, пола од нив да ги погодевме сега друг ќе беше разговорот“, вели Брестовац.

Натпреварот со Австрија ќе биде решавачки и за нас и за нив, бидејќи на Австријците не им одговара пораз поголем од три разлика. Селекторот вели дека пред секој дуел имаме подготвено две или три тактики.

„Ние на самиот меч доаѓаме со еден договор, па во однос на тоа како ќе се одвива истиот ја менуваме тактиката. Секогаш имаме две до три решенија…Мислам дека тука не може нешто драстично да се смени, осовен во начинот на некои затворања кои ги имавме со Чешка, не можат да бидат истите против Австрија. Противникот има двајца шутери Божовиќ и Билик, Билик е пропродорен од Божовиќ, другиот е поголем шутер. Имаме двајца различни играчи кои имаа Чешка. Австрија е сосема различна екипа, затоа и пристапот ќе биде поинаков. Имаме време, можност и квалитетни обранбени играчи кои иако сите стравувавме дека пред Европското првенство одбраната ќе биде проблем“, продолжува Брестовац.

Одбраната се чини ќе го реши победникот и против Австрија на утрешниот натпревар.

„Кога ќе ставиме црта и јас бев тој што повеќе внимание посветуваше на одбраната и повеќе состаноци имавме со нив, така да искрено горе-доле мене повеќе ми чкрипи во нападот отколку во одбраната. Играчите имаат помала креативност, помала реализација во 6-5, слаба поставеност, технички проблеми, нема кога да ги промениш се работи за млади играчи…Имаме уште натпревар да поправиме се, имаме сила, имаме играчи. Видовте и сами имаме плус двајца играчи кои можат да влезат во ротација Танкоски во напад, Мишевски во одбраната. Кратко е европското првенство за да најдеме уште еден четврти играч кој може да влезе во ротација во случај да не им тргне на Талески и Кузмановски. Немавме можност да ги видиме како играат до сега, ова се е замислено во мојата глава, но никако не е спроведено на теренот. Тешко ми е да го ставам Мишевски, го немам гледано на натпревари, само на терен, тешко е да се предвиди како сето тоа ќе изледа на терен против Здрахала…И Велко Марковски имал проблем со тие играчи. Вината е моја си ја превземам за секој потег што ќе го повлечам иако мислам дека е добро. До сега се сме до 24 гола, ако примиме може да одговориме на тоа на тој лош напад идеално е 33-32, ќе биде многу тешко“, заврши Брестовац.

Натпреварот меѓу Македонија и Австрија се игра утревечер во „Штадхале Арена“ со почеток во 18:15 часот.