Брестовац: Египет е физички силен тим, не смееме да се однесуваме како со Шведска

Репрезентацијата на Македонија денеска се среќава со Египет во 2. коло на Светското првенство, а ова ќе биде далеку потежок дуел од претходниот против Шведска.

Противник е домаќинот на првенството така што нема да биде воопшто лесно.

Селекторот Брестовац проблемите ги гледа во тоа што младиот состав на Македонија има многу осцилации во играта што влијае многу на ритамот на натпреварите.

„Многу е тешко да се постави играта за следниот натпревар кога имате вака млад тим. Ова е млад состав, кој има многу осцилации во играта. Ние можеме да одиграме добро и да го победиме Исланд на гостински терен, или да одиграме нерешено. Можеме да ја победиме Швајцарија на гостински терен во квалификации, но на големите натпреварувања имаме проблеми. Големите репрезентации имаат база создадена во младите селекции. Ние имаме проблеми со тоа што не влеговме во А дивизијата и не можеме да фатиме континуитет во тие млади категории и да прифилираме играчи за сениорскиот тим“, изјавува Брестовац.

Тој смета дека континуитетот на добри игри и успеси  на Египет на големите натпреварувања е од големо значење за овие дуели така што денеска домаќинот ќе биде во голема предност.

„Египет има репрезентација која има успеси на големи натпреварувања. Се работи за физички силна селекција против која може да има проблеми ако на теренот се однесуваме како против Шведска. Против Швеѓаните избегнувавме контакт, физички дуел, во реализација не бевме на потребно ниво. Во одбрана не се снаоѓавме најдобро. На 1-1 одредени играчи не си помагаа, недостигаше тимскиот дух кој се гради во млади категории. Недостига систем на работа од претходно“, смета селекторот на Македонија.

Средбата почнува од 18 часот, а очекувањата се да биде виден далеку подобар пристап и подобра игра од македонските репрезентативци.