Босанскиот бисер во Целје до 2026 година!

Словенечкиот шампион Целје продолжува да се засилува за новата натпреварувачка сезона 2022/23.

Нов ракометар во тимот на Алем Тоскиќ ќе биде младиот репрезентативец на БиХ, десното крило Лука Периќ.

Босанецот по завршувањето на тековната сезона ќе се приклучи на Целје и ќе има голема шанса да се надоградува во еден од најдобрите европски клубови.

Периќ моментално е член на Борац Бања Лука и за него трансферот во клубот од Словенија ќе биде првиот интернационален предизвик.

20-годишниот ракометар е еден од најголемите таленти на својата генерација на Балканот. Својот деби настап за босанската репрезентација го имаше само на 17 години и заедно со своите репрезентативни колеги настапи на Европското првенство 2022, кое се одржуваше во Унгарија и Словачка.

Со тимот од Бања Лука во последните четири сезони играше на европска сцена каде стекнуваше драгоцено искуство против поквалитетни екипи. Десното крило дресот на Целје ќе го носи најмалку до 2026 година.

Целје претходно се засили со левите бекови Урош Миличевиќ и Нико Чировиќ, искусниот голман Рок Запошњек и десниот бек Грегор Кречиќ.