Боризовска: Се надевам сезонава првпат ќе дојдеме до двојна круна

Ракометарките на Куманово успеаја да стигнат до титулата во Купот на Македонија, а во финалето го совладаа Вардар со 26:18.

Ова беше средба на која Куманово имаше контрола и особено подобра игра во текот на второто полувреме.

„Презадоволна сум од победата и се надевам дека ќе успееме сезонава првпат да дојдеме до двојната круна. Први сме и во првенството и се надевам дека ќе го задржиме ова место до крајот на сезоната“, изјави после натпреварот капитенот на Куманово, Александра Боризовска.

Според неа клучот за победата беше подобрата игра во вториот дел од средбата и моментите во кои тимот на Куманово успеа да направи поголема предност. Воедно и да го искористи моментот што противникот имаше некој час помалку за одмор после вчерашните полуфинални средби.

„Во првиот дел не успеавме да стигнеме до поголема предностм, но она што ни недостигаше го надоместивме во вториот дел. Веројатно плус за нас беше и моментот што Вардар вчера подоцна го играше својот натпревар од полуфиналето, а ние имавме повеќе време за одмор. Секако, во финалето играта беше одраз и на добрата организација, па сето ова беше плус за да дојдеме до титулата“, коментираше Боризовска.

Куманово има убава предност и во првенството пред Вардар, па сега на ракометарките им останува да се обидат да дојдат и до двојна круна со што би се сместиле на вечната листа.