Борец со триумфот против Преспа остана во игра за плеј-оф

Екипата на Борец пред своите навивачи триумфираше против Преспа со резултат 33:21 во натпревар од 15. коло во Првата машка лига. Борец со освоената победа теоретски останува во игра за плеј-оф фазата во прволигашкото друштво.

Ракометарите на Преспа иако во Велес допатуваа со само седум ракометари, сепак, во поголемиот дел од првото полувреме дадоа силен отпор и рамноправно се бореа против комплетниот состав на Борец.

Домашната екипа имаше добар почеток и во воведниот дел од натпреварот имаше минимално водство од 3:2. Преспа израмни на 3:3 и до 20. минута константно беше во минимално водство. Избраниците на Игор Тодоровски никако не можеа да совладаат голманот, Ставревски, кој покрај одличните интервенции во првата половина од првиот дел имаше и два одбранети пенали.

По водството на Преспа од 8:7, Борец израмни на 8:8 и потоа дојде до водство од 9:8. Тука веќе фаворитот на овој натпревар започна да игра подисциплинирано во напад и одбрана. Ракометарите на Преспа со краткиот ростер немаа многу сили за камбек и веќе во завршниот дел од првото полувреме започнаа да го губат натпреварот. По 30 минути игра, домашната екипа на пауза замина со солидна предност од 15:11.

Борец за само седум минути игра во второто полувреме стигна до највисоко водство од 19:13. Во 42. минута исклучување во екипата на Преспа заработи Џуклевски. Домашниот тим ја искористи ситуацијата со играч повеќе и повторно дојде до предност од плус шест гола разлика, 21:15.

Како што одминуваше времето, така ракометарите на Борец ја зголемуваа разликата. Во последните десет минути, Борец влезе со предност од 25:18. На домаќините предноста од седум гола им беше сосема доволна да имаат мирна и убедлива завршница.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот од редовите на Борец, Јован Атанасовски со десет погодоци. Во Преспа најефикасен беше искусниот Златко Везенковски со шест гола.