Бодовите останаа во Делчево, Ѓорѓиев и Ѓоргиевски сами го решија Партизан

Во 5.коло од плеј-аут борбата во Првата лига, Делчево Вардар стигна до лесна победа против Партизан со резултат 37:30. Почетокот на натпреварот помина во интересна борба, а гостинската екипа од Гевгелија и покрај кратката клупа успеа без проблем на им парира на домаќините до првата половина од првиот дел.

Партизан по девет минути игра имаше солидно водство од 6:3, но ракометарите на Делчево Вардар со серија од 5:0 се вратија во игра и преку расположениот Ѓорѓиев веќе во 20.минута од натпреварот го имаа највисокото водство од 13:9. Избраниците на Гоце Стоиловски до крајот на првото полувреме беа надмоќни во секој поглед на теренот и обезбедија високо водство од 21:13 на полувреме.

Во второто полувреме при резултат 27:15 за екипата на Делчево Вардар веќе беше јасно дека бодовите ќе останат за домаќинот. До крајот на натпреварот гостите од Гевгелија со подобра игра се изборија за пристоен пораз.

Најефикасен ракометар во екипата на Делчево Вардар беше Мирче Ѓорѓиев со 12 гола, а неговиот колега Гоце Ѓоргиевски додаде десет. Во екипата на Партизан, Димитар Узунчев беше најефикасен со осум гола.