Блесок на Митревски, Порто му ја загорчи судбината на Загреб

Екипата на Порто предводена од голманот Никола Митревски славеше победа против  Загреб со резултат 28:26 и му ја загорчи судбината на хрватскиот шампион во Лигата на шампионите.

За потсетување, овој натпревар од Лигата на шампионите требаше да се одигра минатата недела во Порто, но беше откажан бидејќи ракометарите на Загреб поради проблеми на аеродромот во Франкфурт не можеа да отпатуваат во Португалија.

Во последното коло Загреб мора да слави против ГОГ за да обезбеди пласман во осминафиналето, или пак да се надева на кикс на Висла Плоцк во дуелот со Порто. Загреб се наоѓа на 6. позиција на табелата со осум бода, следува Висла Плоцк со седум и на последното место е Порто, кој со денешната победа стигна до пет бода.

По израмнетиот старт и по нерешените 3:3, првпат предност од два гола имаше составот на Загреб при 5:3, а потоа и плус три гола разлика, 6:3. Избраниците на Голужа до 25 минута беа во водство од два или три гола разлика.

Сепак, пред финишот на првиот дел, домаќините направија пресврт. По водството на Загреб од 11:9, следуваше серија од 3:0 на ракометарите на Порто, кои на полувреме заминаа со минимална предност од 12:11.

Загреб во продолжението никако не можеше да се врати во игра, на моменти доаѓаше до израмнување, но репрезентативецот на Македонија во редовите на Порто, Никола Митревски не им дозволуваше на гостите лесно да дојдат до погодок. Порто во 45 минута направи голем исчекор и откако беше 17:17, постигна три гола во низа и се одлепи на 20:17.

Гостите во 58 минута дојдоа до израмнување на резултатот, 25:25, но гостите со два брзи гола поведоа со 27:25 и ставија крај на неизвесноста.

Најефикасен во победничката екипа беше Педро Валдес со шест погодоци. Никола Митревски натпреварот го заврши со 13 интервенции. Кај Загреб одлична партија имаше екс ракометарот на Вардар, Тимур Дибиров со десет погодоци.