Барселона ќе игра во СЕХА лигата?!

Македонската Суперлига ќе биде завршена без да биде прогласен шампион, а како што соопштија од Ракометната федерација, учесниците во европските купови и СЕХА лигата ќе бидат дополнително утврдени.

Во регионалната конкуренција повторно би требало да ги гледаме Вардар и Еурофарм Пелистер, а вице претседателот на СЕХА, Борис Сапожњиков во интервју за „Брз Центар“ откри дел од плановите за следната сезона.

„Нема да ви откријам тајна ако ви кажам дека сите учесници во СЕХА имаат потпишано договори со кои се обврзуваат да играат, секако ако тоа го дозволи домашниот шампионат во кој мора да бидат први или втори. Мешков Брест скоро сигурно ќе биде првак на Белорусија и сигурно ќе игра во СЕХА. Вардар исто така, па Веспрем, тука се  Загреб и Нексе. Треба да почекаме како ќе заврши српскиот шампионат. Ние се уште ги сакаме во лигата Целје и Горење, но таму помеѓу клубовите и федерацијата имаат однос во кој ние нема да се мешаме. Веројатно кризата ќе погоди многу клубови, но ние веруваме дека костурот на лигата ќе продолжи да функционира. Отворени сме за разговори, ќе се обидеме да ги земеме во предвид желбите на клубовите кои мора да играат на три фронта одеднаш. Русија исто така ќе има претставник, како и Кина. Во проектот би можеле да влезат и клубови од други поранешни земји во СССР, како Казахстан и Грузија. За екипи од тие држави може да има посебна група. Ние сме заинтересирани и за пазарот во Јужна Кореја. Барселона исто така е подготвена да се приклучи на нашиот проект. Ајде да играме. Зошто да не?“, вели Сапожњиков.

И покрај најавите за зголемување на бројот на учесници во лигата, местото на двата македонски претставници не е загрозено. Каталонскиот гигант нема достојни ривали во Асобал лигата, па не ретко тоа е причина и за некој неочекуван пораз во Лигата на шампионите. Затоа нема да биде големо чудо, ако Барса заигра во СЕХА, каде што ќе има доволно силни натпревари пред средбите од елитната конкуренција.