На дерби натпреварот меѓу екипите на Текстилец и Астраион во Првата лига, на победа се израдуваа ракометарите на Астраион кои триумфираа минимално со 26:25.
Во првите 30 минути, двете екипи имаа свои моменти. Текстилец преку Димитров, Хаџи Николов и Петров стигна до водство од 8:6, но гостите од Стурмица многу брзо се вратија во игра. Домаќините при водство од 10:9 дозволија нивниот противик да направи целосен пресврт. Астраион со три гола во серија создаде предност од 12:10 и до крајот на првото полувреме беше подобар на теренот. Избраниците на Пепи Пецанов на полувреме заминаа со предност од плус три гола разлика, 15:12.
Тимот од Струмица во вториот дел со серија од 2:0 се одлепи на 17:12. Ракометарите на Текстилец заиграа поангажирано во нападите и стигнаа на минус три негатива, 14:17, а по неколку минути и на минус два, 16:18. Гостите, најчесто преку Ончев одржуваа предност од два до три гола разлика. Во 50. минута ракометарот на Астраион, Дарко Катранџиев мораше да се пресели на трибините бидејќи доби црвен картон поради трите исклучувања. Јованов на пет минути пред крајот го израмни резултатот на 24:24 и конечно донесе радост на домашната клупа.
Следуваше погодок на двете екипи за егал завршница. Котевски во 57. минута повторно го врати водството на гостите за 26:25. Текстилец не искористи неколку шанси да дојде до реми, тоа беше и пресудно за конечниот епилог кој заврши со победа за екипата од Струмица.
Најефикасни во редовите на Астраион беа Иванче Ончев со 11 и Миливој Котевски со шест погодоци. Во поразената екипа прв стрелец беше Филип Хаџи Николов со десет гола. Астраион во следното коло на свој терен го пречекува Алкалоид, додека екипата на Текстилец за следен ривал го има Аеродром.