Анчева постигна 14 гола, Oвче Поле СУ славеше убедливо против Кузман Вардар

Во рамките од 15. коло од Супер лигата во женска конкуренција, Овче Поле СУ немаше никакви проблеми на домашен терен против Кузман Вардар и славеше убедлива победа со 38:22.

Гостинките од Скопје беа рамноправен противник во првите десетина минути кога резултатот беше 6:5 за домаќинот. Во преостанатиот дел, домашната екипа предводена од Анчева направи недостижна разлика и успешно ја контролираше до самиот крај. По 30 минути игра резултатот беше 21:10 за ракометарките на Овче Поле СУ.

Екипата на Илија Бетувски продожи во ист ритам и во второто полувреме. Младите ракометарки на Кузман Вардар постигнаа повеќе погодоци во вториот дел, но тоа не донесе никаква промена на ситуацијата. Шанса во последните дваесетина минута имаа и ракометарките со помала минутажа од двете екипи.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Овче Поле СУ, Марија Анчева која постигна 14 гола. Во составот на Кузман Вардар се истакна Вања Ангеловска со осум гола. Во следното коло, Овче Поле СУ гостува во Скопје против Металург, Кузман Вардар ќе се обиде на свој терен да ги освои бодовите против Шампион.