Анте Кудуз: Вардар е институција, едвај чекам да го облечам „црвено-црниот“ дрес

Ракометарот од Хрватска и член на Динамо Букурешт, Анте Кудуз во интервју за „Балкан Хендбол“ зборуваше за резултатите на клуб oд Романија во домашното првенство и на европска сцена, напредувањето на репрезентацијата на Хрватска, непријатната ситуација со станот во Букурешт, но и за настапите кои го очекуваат во шампионот на Македонија, Вардар.

Хрватот во Скопје ќе пристигне во новата сезона и се очекува да биде меѓу носителите на играта во „црвено-црниот“ дрес, кој, едвај чека да го облече.

„Сигурно играчите кои ќе дојдат во новата сезона треба да играат на едно повисоко ниво, јас едвај чекам да го облечам дресот на Вардар бидејќи сите знаеме дека клубот е институција. Чест е да се игра за клубот, но и мојот сон беше да играм за Вардар, ги следев нивните настапи уште кога бев во средно образование. Имам мотиви, сакам да се наметнам и да се докажувам, но и со своите игри да му помогнам на Вардар да се врати на своето место”, изјави Кудуз.

Освен Анте Кудуз, во Вардар следната сезона ќе пристигнат и Мартин Томовски, Едуардо Гурбиндо, Јан Чувара и Дарко Ѓукиќ. Во медиумите се шпекулираат и некои имиња како потенцијални засилувања, но од клубот сè уште нема потврда за нивните трансфери.