Анализа со Александар Јовиќ: Поразот беше очекуван, но ваков дебакл не

Беше дел од Светското првенство во Египет 1999, кога Македонија за прв пат се претстави на еден Мундијал, а сега ја анализира македонската селекција која ќе игра во Египет децении подоцна... Тренерот на македонскиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2, некогашното десно крило на македонската ракометна репрезентација Александар Јовиќ за 24ракомет го анализираше вториот натпревар на нашите ракометари против Египет на Светското првенство 2021.

Eгипет е одлична репрезентација која според моја проценка од досега прикажаното може да стигне и до полуфинале на овој Мундијал. Поразот беше очекуван, но ваков дебакл никој не очекуваше. Никаква борбеност во одбрана, лоша игра во напад… Колку и да сакаме да толерираме и да чекаме вака не е дозволено да се бранат боите на националниот дрес.

Како тренер сметам дека има поквалитетни репрезентации од нас, но во борбеноста не смее да не победи ниту една екипа. Денеска тоа за жал не го видовме.

И против Шведска и денеска против Египет одбраната беше преширока, недоволно подвижна, немаше густина, немаше доволно прекини, немаше ниту борбеност, немаше… Функцираа голманите и можам да кажам дека имаме одличен голмански тандем, но не им се помага доволно за да можат да стигнат до уште поголем израз и многу повеќе да помогнат.

Што се однесува до нападот, моето мислење е дека Филип Талески очигледно е надвор од форма. Меѓутоа Талески и Кузмановски се нашата иднина. Во моментов подобри играчи на овие позиции немаме и мораме да се базираме на нив двајцата. Факт е и тоа дека Кузмановски не може да биде среден бек. Нас во репрезентацијата ни е потребен класичен среден бек, кој ќе знае да ја разигрува екипата и да создава шанса додека Талески и Кузмановски треба да покриваат на лев бек. Затоа ни требаат пониски, брзи, вешти, агилни… средни бекови во игра.

Во последниве две години Македонија се наоѓа во голем пад. Постојано слушаме за некакви долгорочни проекти и за подмладување, но не гледам стратегија, а уште помалку некакво подмладувње.

Данило Брестовац ми е колега и не е убаво да се критикуваме. Меѓутоа во нашата тренерска работа само резултатот нас не држи на позицијата каде што сме и тоа е нормално. Кога се победува тогаш најзаслужни се играчите, а кога се губи тогаш виновен е тренерот. Големината на секој тренер е во тоа од материјалот кој го има да го извади максимумот и да се вклопи во една целина. Мислам дека по ова се гледа кој е добар тренер. На последните две првенства не гледам дека вадиме максимум и не можеме да се вклопиме во една целина. Тоа се виде и на последното Европско првенство  каде што имавме една победа и тоа против Украина со гол во последната секунда.

И Шведска и Египет се поквалитетни репрезентации од нас. Меѓутоа мораме да собереме сили и после два вакви порази да се кренеме. Мораме да го победиме Чиле и да се пласираме во вториот круг на Светското првенство каде би одиграле уште три натпревари.

Сметам дека е погрешно и тоа што прерано се откажуваме од врвни ракометари како што е Дејан Манасков, кој има 27 години и игра во Веспрем, екипа која секоја година е на фајнл-фор. Не би сакал никого јавно да го прозивам, но треба да им се даде време на овие момци. Сепак, мислам дека стратегијата која ни ја претставува селекторот нè не движи во посакуваниот правец.

Се зборува за подмладување, а мислам дека многу ракометари се изоставени доколку репрезентацијата навистина се подмладува. Тука мислам на Стефан Атанасовски,  Никола Кизиќ, Никола Цветановски, кој игра одлично одбрана, Емилијан Ѓорговски, Јован Талевски, Игор Георгиев, Мартин Карапалевски, Стефан Крстевски, Мартин Манасков… Овие играчи заслужуваат да добијат шанса доколку се работи за подмладување на сениорската селекција.