Аеродром со победа над Преспа го потврди пласманот во плеј-оф

Ракометарите на Аеродром во рамки од 14. коло од Првата лига славеа на гостувањето во Ресен кај Преспа со десет гола разлика, 34:24 во натпревар од групата Б. Како што е веќе познато, тимот на Аеродром по завршувањето на регуларниот дел од прволигашката конкуренција ќе игра во плеј-оф фазата, додека Преспа ќе се пресели во плеј-аутот.

Екипата која во минатата сезона играше бараж за влез во Суперлигата, во Ресен пристигна со само 11 ракометари, но тоа не претставуваше никаков проблем, бидејќи домаќините немаа доволно сили да им парираат на расположените гости.

Аеродром резултатски се одлепи уште во првата половина од првиот дел и до крајот на натпреварот имаше рутинска контрола на резултатот. Гостите поведоа со 5:1, потоа имаа 8:3 и како одминуваше времето ја зголемуваа разликата во своја корист.

Веќе при резултат од 13:5 беше јасно кој ќе слави и како ќе се одвиваат работите во останатиот тек од дуелот, кој не донесе никаква промена. Гостите од Скопје на полувреме заминаа со девет гола разлика, 21:12.

Вториот дел беше полесен тренинг за гостинскиот тим, кој не дозволи опуштање во ниту еден момент. Аеродром рутински ги одработи вторите 30 минути и дојде до деветтиот триумф во новата натпреварувачка сезона.

Најефикасен во победничката екипа беше Андреј Петрески со девет погодоци, додека по пет реализации имаа Давид Олтовски, Никита Стојановски и Алексеј Василев. Во поразениот табор најефикасен беше Филип Шиклевски со девет гола.