Аеродром победнички против Текстилец, се враќа со бодови од Штип

Екипата на Аеродром во дерби натпреварот против Текстилец славеше победа од 30:26 во рамките од Првата машка лига од Групата А. Победата против Текстилец беше втора за аеродромци во новата сезона. Во претходните дуели, Аеродром ремизираше против Куманово, додека во претходното коло оствари убедлива победа против Кичево.

Ракометарите на Текстилец со головите на Ристов, Трајчев и Петров отворија со водство од 3:0. Гостите од Аеродром првиот гол го постигнаа по седум минути игра. Иако домашната екипа водеше со 8:4 и 8:5, ракометарите на Аеродром во последните десет минути од првиот дел почнаа да фаќаат ритам. При резултат 13:13, Арсов со својот прв гол на Текстилец му донесе водство од 14:13 на полувреме.

Во второто полувреме работите започнаа позитивно да се менуваат на страната на Аеродром. Екипата предводена од Дарко Петровски, со серија од 3:0 го започна својот поход кон освојување на важните бодови. Гостите се одлепија на 23:20 и до крајот на натпреварот не дозволија кам-бек на домаќинот.

Најефикасен во победничката екипа беше Димитар Михајлов со осум гола, втор стрелец беше Давид Олтовски со шест погодоци. Во поразената екипа се истакнаа, Филип Хаџи Николов и Милисав Петров со седум гола.