
Тимот на Металопластика, каде што игра македонскиот интернационалец Дејан Кукуловски, бележи одлични резултати во српскиот шампионат.
Металопластика славеше на гостувањето кај Дубочица Лесковац со 31-26 во натпревар од 6 коло во првенството на северниот сосед.
Заедно со Павловиќ и голманот Чировиќ, Кукуловски беше меѓу најдобрите поединци на теренот и успеа да постигне пет гола во противничката мрежа.
Металопластика е прва на табелата со 11 бодови по шест меча, додека Партизан е втор со десет бода, но и натпревар помалку.

Ракометарите на Бутел Скопје го одработија последниот тренинг пред првиот натпревар од второто коло од ЕХФ Европскиот Куп против хрватската Горица.
Во градската сала во Велика Горица, тренерот Стојанче Стоилов и неговите избраници ја скроија тактиката за утрешната пресметка.
Натпреварот меѓу Горица и Бутел Скопје се игра утревечер од 18:00 часот во градската сала во Велика Горица, а судии се Словенците Сатлер и Пукшиќ.
Ова ќе биде петти настап во Европа за македонскиот претставник, откако претходно играше двапати во Лигата на Европа и двапати во ЕХФ Европскиот Куп.


Еурофарм Пелистер славеше на гостувањето кај Прилеп со 39-23 (20-14) во седмото коло од ракометната Суперлига. Домаќините имаа добар почеток и поведоа со 4-3, а потоа и со 6-5. По израмнувањето на 9-9, гостите првпат ја презедоа контролата и до полувремето изградија шест гола предност.
Важен период во првиот дел беше серијата со која Еурофарм Пелистер од 16-13 стигна до 20-13. Прилеп не реализира два седмерца во полувремето, а на паузата замина со негатива од 14-20.
На почетокот од продолжението домашниот тим намали на 17-23, но не успеа да го задржи приклучокот. При резултат 18-26 следуваа седум гола по ред за Пелистер, кој поведе со 33-18 и го реши прашањето на победникот. Битолчани во два наврата стигнаа и до највисоки 17 гола предност, пред последниот гол на Прилеп да го постави конечниот резултат. Второто полувреме гостите го добија со 19-9.
Филип Кузмановски беше најефикасен со девет гола, Садоу Нтанзи постигна пет, а Ненад Белистојаноски, Самоил Ристевски, Ник Хенингман и Петар Атанасијевиќ дадоа по четири. Кај Прилеп се истакна Димитар Димитриоски со пет погодоци.
Со новите два бода Пелистер има 13 и моментно се искачува на првото место, пред да се комплетира колото. Прилеп останува на осум бода и на петтото место. Во следното првенствено коло Пелистер ја пречекува Младост, а Прилеп игра дома со Вардар.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

Денеска во центарот на вниманието на македонската јавност ќе биде настапот на Бутел Скопје во ЕХФ Европскиот Куп и гостувањето кај хрватската Горица.
Бутелци под водство на Стојанче Стоилов се подготвени за предизвикот на меѓународна сцена против тимот што има одличен старт на сезоната во хрватскиот шампионат, шест победи на шест меча, а една против учесникот во ЛЕ – Сесвете и тоа на гостински терен.
Мечот меѓу Горица и Бутел Скопје се игра вечерва од 18:00 часот во градската сала во Велика Горица.
Покрај мечот на Бутел Скопје, интересен ќе биде и дуелот од Регионалната лига кај дамите меѓу шампионот Ѓорче Петров и српскиот Бор, кој се игра во салата „Кочо Рацин“ од 18:00 часот. „Лавиците“ со триумф ќе се вклучат во битка за првото место во групата Б од регионалната конкуренција.
Освен двата меча на македонските преставници на меѓународна сцена, на домашна сцена актуелни се натпреварите од Супер лигата во машка и женска конкуренција, како и од Првата лига во двете конкуренции.
Кај мажите, интересно ќе биде во Куманово, каде гостува Младост Богданци, додека вицепрвакот Еурофарм Пелистер ќе игра на гости кај Прилеп и ќе биде фаворит за нови бодови.
Во прволигашката конкуренција ќе се одигра дербито меѓу Аеродром и Драчево Јуниор, а ќе има и регионален двобој меѓу Радовиш и штипски Текстилец.
ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ:
18:00 ЃОРЧЕ ПЕТРОВ – БОР (РЕГИОНАЛНА ЛИГА)
15:00 ДЕСПИНА – СПАРТАК (МАКЕДОНИЈА)
17:00 АТЛЕТИК – ВАРДАР (МАКЕДОНИЈА)
19:00 ГЕВГЕЛИЈА ЈУГ – АСТИБО (МАКЕДОНИЈА)
19:30 ШАМПИОН – СТРУЖАНКА (МАКЕДОНИЈА)
18:30 ПРИЛЕП – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР (МАКЕДОНИЈА)
16:30 КУМАНОВО – МЛАДОСТ БОГДАНЦИ (МАКЕДОНИЈА)
19:00 АЛКАЛОИД – ФЕРЛАХ (ЕХФ КУП)
18:00 ГОРИЦА – БУТЕЛ СКОПЈЕ (ЕХФ КУП)
18:30 ВАРДАР НЕГОТИНО – ПАРТИЗАН ГЕВГЕЛИЈА (МАКЕДОНИЈА)
18:00 РАДОВИШ – ТЕКСТИЛЕЦ (МАКЕДОНИЈА)
19:00 ОВЧЕ ПОЛЕ – ПРЕСПА (МАКЕДОНИЈА)
19:00 ИЛИНДЕН – СОКОЛ САСА (МАКЕДОНИЈА)
17:00 АЕРОДРОМ – ДРАЧЕВО ЈУНИОР (МАКЕДОНИЈА)

Тимот на Чаир доби ривал по мерка во третото коло од ЕХФ Европскиот Куп – ќе игра против составот на Азербејџан. Станува збор за шампионот на оваа земја, но од сезоната 2024/2025, бидејќи минатата сезона не беше довршена и оваа земја официјално нема шампиони ниту во машка, ниту во женска конкуренција.
Кур испиша историја оваа сезона со пласманот во третата рунда од ЕХФ Европскиот Куп, бидејќи во четвртото учество, успеа да мине едно коло. Ривал беше кипарскиот Апоел, а на двата меча што се игра во Азербејџан, славеше Кур со 40-18 и 39-13.
Во претходните три сезони, Кур беше елиминиран од италијанскиот Салерно, грчкиот Јонијас и португалскиот Сао Педро, со пет убедливи порази и само едно реми.
Tимот на Кур потекнува од градот Мингачевир, петти град по големина во Азербејџан, а натпреварите ги игра во „Олимписки центар“. Името го доби по реката Кура, која го дели градот на две половини, а oд главниот град на Азербејџан, Баку, е оддалечен околу четири часа возење.
На претходните два меча со Апоел од Кипар, кои се игра во Мингачевир, имаше по околу 600 гледачи. Ова се единствените два меча што ги има одиграно Кур во оваа сезона, па Чаир од таа гледна точка, ќе има голема предност, бидејќи е веќе во натпреварувачка форма. Минатата сезона првенството беше прекинато поради лошата финансиска ситуација во националната федерација, а сите останати клубови освен машкиот и женскиот тим на Кур, ставија „катанец на врата“.
Што се однесува до играчкиот кадар, Кур во минатото сметаше на многу руски ракометарки и некои од поранешните СССР простори, а сега има на располагање 17 ракометаки меѓу кои се пет интернационалки – три Црногорки, една Хрватка и една Русинка.

Познато име за македонската јавност е левиот бек Есма Муратовиќ, која во сезоната 2023/2024 играше за нашиот шампион Ѓорче Петров. Тука се уште младата руска голманка Анастасија Хлебалова (19), искусната Ана Марија Гугиќ од Хрватска (екс Подравка, Ериче), која има 35 години и игра на десната бековска позиција, како и средниот бек Ана Радовиќ и пивотот Дајана Миљаниќ.
На двете средби со кипарскиот Апоел од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп, најмногу голови – 19, даде Есма Муратовиќ, 12 пати стрелаше Ана Радовиќ, додека капитенот Сабина Смагина, која игра на десната крилна позиција реализираше 11 пати, па стручниот штаб на Чаир веќе знае на кои ракометарки треба да обрне најмногу внимание во одбраната. Искусниот среден бек Марта Абасова, исто така е едно имињата на кои треба да се обрне внимание, заедно со пивотот Миљаниќ и десниот бек Гугиќ.
Севкупно земено, Кур има солидна прва постава, но Чаир има подобар состав на хартија и ќе биде фаворит за пласман во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп, со што клубот би го повторил најголемиот успех во Европа. Сепак не треба во никој случај да биде потценет ривалот, иако доаѓа од неракометна земја, во која сезонава не се игра првенство.