Екипата на Струга дојде до победа од 28:23 на гостувањето во Скопје против КЛ7 и на тој начин се избори за три бода кои веројатно ќе значат и плеј-оф.
Ова беше клучен натпревар за третата позиција во групата, а Струга го реши овој дуел со контрола од првата до последната минута, па на крајот бодовите одат за гостинскиот состав.
Тренерот на стружани, Наум Танески вели дека овој натпревар со КЛ7 бил практично бараж за место во плеј-офот, против директен ривал.
„Па овој дуел беше како бараж за нас. Еден тежок натпревар што практично решава се. Се подготовуваме долго за овој меч и претходно неколку од другите натпревари ги искористивме како подготовка за овој. Новото засилување Ракоција имаше добра улога, го освежи нападот, имавме неколку ровити играчи и кратка ротација. Мислам дека заслужено победивме, посебно со играта во одбрана. Тенки сме се уште на бековските позиции“, вели Танески за 24Ракомет.
Стружани не ги повторија грешките од првиот натпревар со КЛ7 кога останаа само со бод, иако најчесто во текот на мечот тие водеа и испуштија победа во финишот. Сепак сега му се одмаздија на ривалот, кој има два меча за играње, додека стружани имаат уште четири.
„Ни треба една победа од дуелите со Радовиш и Јуниор КВ на гости за да бидеме сигурно во плеј-офот. Ако сепак не успееме таму, имаме уште два меча дома со Пролет и Охрид за да стигнеме до разигрувањето за титула. Ќе имаме шанса за поправен“, продолжи Танески.
Иако Струга на стартот на сезоната имаше амбиции да избори опстанок во елитното друштво, но не преку плеј-оф. Сепак апетити растат сега.
„Не беше на стартот на сезоната најавено како цел или амбиција играње во плеј-оф, туку да пробаме да избориме опстанок со тие играчи што ги имаме. Црногорецот Лакичевиќ на пример е дојден на калење во Струга, и не може да биде лидер во нападот. Мислам дека покрај Ракоција ни треба уште едно засилување на бековските позиции, да бидеме конкуреннтни во плеј-офот“, заврши Танески.
Струга до крајот на регуларниот дел треба да игра дома со Охрид и Пролет, како и на гости кај Јуниор КВ и Радовиш.
Суперлигашкиот плеј-оф стана реалност за стружани (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Јовановски: Коцките полека се склопуваат, Струга нема да биде лесен плен за ниеден тим