Поранешниот македонски репрезентативец Филип Миркуловски против Минден го одигра последниот натпревар во богатата кариера. Таа започна во 1996 година во тимот на Македонија, пред во 2003 да се пресели во тимот на Металург. До 2015 година беше член на составот од Автокоманда, со тоа што една сезона мина на позајмица во Младост Богданци.
Кога се пресели во Металург, дебитираше и за националниот тим на Македонија, а со младинската репрезентација беше дел од ЕП во Полска во 2002 година на кое беше остварен најголемиот успех – четврто место. До 2015 година настапуваше за Металург, со кој на два пати стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите и ги победуваше гиганти од типот на Барса, Келце, ПСЖ…
Една полусезона во 2015 година одигра во бундеслигашот Хановер, а потоа се пресели во Вецлар, каде што комплетираше седум сезони. Од лето ја започнува официјално и тренерската како асистент на првиот тренер Бен Мачке, иако од пред две сезони работеше во стручниот штаб.
„Мислам дека беше сосема доволно, имам 38 години, во септември ќе славам 39 години, и кога бев на средина на кариерата, мојата замисла беше да играм до 35-36 години, но сепак, плус три години играв од тоа што замислував. Се чувствувам сосема исполнето од играчка смисла. Секогаш давав максимум, без разлика дали се работело за некој пријателски натпревари, или пак за натпревар кој бил многу важен.
Големиот борец има одиграно безброј натпревари и клупски и репрезентативни.
„Имав многу одиграно натпревари, како за репрезентација, така и за клубовите во кои настапував. Тука би ги издвоил натпреварите од Европското првенство со македонската репрезентација на Европското првенство во Србија (2012), посебно натпреварот со Словенија за 5 место. Натпреварот кога со Металург ја победивме Барселона во Лигата на шампионите, дерби натпреварите против Вардар, кои никогаш не се забораваат. И во Вецлар имав убави моменти, тука би го издвоил пласманот на Ф4 во Купот во Хамбург“.
Обврските кон клубот Вецлар, каде ќе има улога во стручниот штаб, ќе го спречат Миркуловски да биде дел и од стручниот штаб на Кире Лазаров во националниот тим.
„Најверојатно нема да бидам во стручниот штаб на Македонија бидејќи таква е политиката на клубот Вецлар. Некогаш може да се случи да бидеш отсутен месец дена од клубот поради репрезентативни обврски, тоа не го дозволуваат од клубот и ќе се посветам на работа на клупско ниво, но тоа не значи дека во иднина нема да бидам на располагање на националниот тим“.
Големиот борец играше со многу големи ѕвезди во клубовите и во националниот тим, па можеше да направи негов идеален тим.
„Би ги издвоил сите наши играчи кои играат или играа во македонската репрезентација. Манасков како лево крило, можеби лев бек исто Манасков, потоа Мојсовски како плејмејкер, немам дилеми за Кире Лазаров, а десно крило би го ставил Гоце Георгиевски, и пивот Стојанче Стоилов. За голман мислам дека Дарко Станиќ беше најдобар од клупско ниво, тука се и нашите голмани, Никола Митревски, Борко Ристовски, играв со навистина многу добри играчи“, заврши Миркуловски.
За репрезентацијата на Македонија, Миркуловски, според неофицијалните податоци има одиграно 96 натпревари и постигнато 225 гола, иако таа бројка сигурно е многу поголема.