Зголемена колекцијата – Ѓорче Петров го надигра Чаир за 18. трофеј во Купот!

Ракометарките на Ѓорче Петров го освоија 18. трофеј во Купот на Македонија, откако славеа во финалето против Чаир со 36-19. Чаир додека имаше сили пружаше отпор, но второто полувреме мина во комплетна доминација на ракометарките на Симе Симовски, кои од контри го полнеа голот на противничките.

„Лавиците“ отворија со водство 2-0, 3-1, но Чаир како и против Металург Автокоманда полека но сигурно ја стопи негативата и се врати во егал, 4-4. Митровиќ на голот одново имаше добри интервенции, но и Габина на спротивната страна исто така не дозволуваше лесни погодоци на ривалот.

Чаирчанки немаа решение за расположената Ивана Дежиќ, кој дури осум пати ја погоди мрежата на Чаир. Како одминуваше времето, така чаирчанки паѓаа во ритамот, немаа многу сила и идеја во нападот, па Ѓорче Петров стигна и до плус седум, 15-8. За да не биде толку убедливо, се погрижи Дамчевска со голот од пенал за 15-9.

Чаир се бореше додека имаше сили, со оглед на скратениот ростер, но кога Ѓорче Петров отиде на плус девет, 20-11 во 35. минута, веќе стана јасно каков тек ќе има овој натпревар. Составите на двата тима се измешаа, се играше практично без одбрани и дилемата беше само со колкава разлика ќе заврши мечот во корист на Ѓорче Петров.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ивана Дежиќ со девет и Емилијана Ризоска со седум погодоци, додека кај Чаир се истакна Стефанија Ѓорѓиевска со пет гола.