„Вардар не е на тоа ниво што беше – имаме шанси против нив, особено дома“

Еден од ракометарите што долго време игра за шведскиот Кристијанштад и настапи против двократниот европски првак Вардар на дел од натреварите во ЛШ минатите сезони, Филип Хенингсон, ќе игра и денеска.

Капитенот на Кристијанштад се надева на голема поддршка од трибините и триумф против Вардар, кој досега има осум победи на осум меѓусебни натпревари.

„Публиката е тоа што може да биде дополнителна предност за нас. Физички, мислам дека ова ќе биде чекор напред во споредба со тоа што сме се соочиле досега оваа сезона. Ќе има многу силни шутеви, но ние, се разбира, разговаравме за тоа како ќе одговориме. Сакаме да играме брзо и ќе трчаме многу против секој противник, без разлика кој е. Во тој сегмент можеме да се носиме со сите. Темпото дефинитивно ќе биде важно на овој натпревар“, изјави Хенингсон.

Меѓусебните осум дуели досега беа во Лигата на шампионите, а ова е прв двобој во Лигата на Европа.

„Паднаа едно скалило откако игравме со нив четири години по ред во Лигата на шампионите и не ја освоија домашната лига последниве години, но дури и ако паднеш едно скалило од тоа да си најдобар тим на светот, тоа сепак значи дека си многу добар. Тие ја започнаа Лига на Европа одлично и се лидери во нашата група, па нема сомнеж дека се тежок противник. Но верувам дека имаме одлична шанса да направиме нешто добро против нив, особено дома“ заврши Хенингсон.

Вардар досега има четири бода, односно две победи против Сесвете дома и Тулуз на гостински терен, додека Кристијанштад е втор со три бода. Натпреварот меѓу Кристијанштад и Вардар е на програмата денеска од 18:45 часот.