Вардар ја потврди фаворитската улога и убедливо славеше против Бутел Скопје со 42-27 во натпревар од 5. коло на плеј-офот во македонската Супер лига.
Средбата одиграна во малата сала при СЦ „Јане Сандански“ мина во целосна доминација на домашниот тим, кој уште од првото полувреме најави убедлива победа.
Гостите од Бутел имаа рамноправен старт и успеаја да парираат до резултат 3-3, а еднаш и водеа со 5-4. Сепак, Вардар брзо го наметна својот ритам и со серија од пет гола се одлепи на сигурна предност. До крајот на првото полувреме, „црвено-црните“ целосно доминираа и на пауза заминаа со убедливи 21-13.
Во вториот дел, избраниците на Иван Чупиќ продолжија во ист стил. Предноста постојано растеше, а стана двоцифрена со голот на Гоце Георгиевски за 28-18. До крајот, Вардар само ја зголемуваше разликата за конечни 42-27.
Најефикасен во победничкиот состав беше Јака Малус со осум голови, додека кај гостите исто толку реализираше Дејан Михајловиќ.
Со оваа победа, Вардар е чекор поблиску до шампионската титула – му требаат уште три бода на преостанатите пет средби за да го повтрди камбекот на македонскиот трон.









