Ракометарите на Вардар го освоија трофејот во Купот на Македонија, откако славеа во финалниот натпревар против големиот ривал Еурофарм Пелистер со 31-27. Ова е 17. трофеј во Купот за „црвено-црниот“ тим, кој само уште повеќе ја зголеми колекцијата и уште долго ќе биде рекордер.
Вардар имаше фуриозен старт на мечот и поведе со 3-1, откако Гогов им фати две топки на Радивојевиќ и Кузмановски, а потоа беше и 5-2, откако Лазаревски лесно го наоѓаше патот до мрежата на битолчани.
Немаше многу идеја во нападот тимот на Алонсо, и по десетина минути Вардар отиде и на плус пет, 7-2, пред Радивојевиќ да го прекине постот. Згрешија вардарци во продолжение неколу пати, па битолчани имаа серија од четири неодговорени гола, 7-6.
Следуваше мала мешаница на теренот, кога репрезентативните колеги Лазаревски и Павле Атанасијевиќ влегоа во клинч, се придружија и останатите играчи од двете клупи, но за среќа се реши брзо целата ситуација.
Во продолжение вардарци ја вратија својата доминација, Крсманчиќ беше сигурен пеналџија, а Јагуриновски и Танкоски погодија во мрежата на Ивиќ за 15-11. На пауза беше 17-14 за „црвено-црниот“ тим.
На стартот на вториот се играше во сличен ритам, а Вардар беше тимот што диктираше темпо и предноста се движеше од три до пет гола. На теренот влезе и Брестовац да го брани голот на пелистерци и веднаш запре зицер, а Манасков во контра намали на 24-21.





ФИНАЛЕ КУП Вардар – Еурофарм Пелистер
Еспиња фати два зицери, казните на спротивната страна стигнаа и Алонсо беше принуден да бара тајм-аут на десетина минути до крајот, кога Вардар водеше со 26-21. На три минути до крајот на мечот Урош Борзаш доби директен црвен картон по стартот во лицето над Јагуриновски.
Кога остануваа да се играат уште 150 секунди, пелистерци намалија на минус три, Митревски му фати шут на Борозан, но и Еспиња се истакна по ударот на Манасков, па немаше веќе време за нешто повеќе на овој натпревар и можеше да почне радоста на „црвено-црните“.
Црвен картон доби и Родригез во последната минута, се обидоа битолчани со пресинг по целиот терен, но тоа не даде резултат и мечот заврши со 31-27 во корист на Вардар.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Крсманчиќ и Јагуриновски со по шест погодоци, додека кај Еурофарм Пелистер, крилата Радивојевиќ и Манасков имаа по осум, односно со седум гола.