Ракометарите на Бутел Скопје ги очекува нов предизвик во суперлигашкото друштво и дуел со двократниот европски првак Вардар.
„Црвено-црните“ се лидери на табелата во елитната конкуренција и ќе бидат фаворити на гостувањето кај Бутел Скопје, кој досега нема ниту триумф, ниту реми против Вардар во повеќе од триесетина натпревари.
Левиот бек Теодор Тодески вели дека овој дуел ќе биде искористен за ново искуство.
„Екипата на Вардар во досегашниот дел од првенството со својата игра докажа дека е најсериозен кандидат за освојување на истото. Во своите редови има искусни професионалци кои што добро ја познаваат ракометната игра. Натпреварот со Вардар за нас ќе биде ново искуство и ќе се обидеме да се прикажеме во најдобро светло“, вели Тодески.
Прилепчанецот е уверен дека Бутел Скопје заслужува место во разигрувањето за титулата.
„На нас останува да ја консолидираме одбраната и со голема борбеност на сите играчи во преостанатите натпревари да оствариме пласман во плеј-офот, затоа што знам дека го заслужуваме тоа“, заврши Тодески.
Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Вардар се игра вечерва со почеток од 18:00 часот во салата „Антон Димитров“.























