Тиквеш во проблеми – заминаа двајца странци, раскинати договорите и со тројца Македонци

Тимот на Тиквеш ќе има значително променет состав во продолжението од сезоната во суперлигашкото друштво.

Финансиските проблеми се таложеа одамна, а сега дојдено е до точка кога нема друго решение освен да се „кастри“ буџетот, да заминат најскапо платените ракометари од странство и да се продолжи со пократок ростер.

По заминувањето на Словенецот Јан Тајник, од Кавадарци си одат и египетскиот десен бек Мохамед Ахмед и грузискиот кружен напаѓач Гиорги Гришикашвили. Исто така и еден од најдобрите стрелци на клубот, Мартин Манасков, среќата ќе ја побара на друго место. Клубот ги раскина договорите со и со средниот бек Петар Цветковски и десното крило Џулијано Христоски.

На црногорците Богдан Мијушковиќ, Балша Чејовиќ и Василије Печурица им се понудени ревидирани договори во финансискиот дел, односно намалување на платата, а капитенот Страхиња Симиќ би требало да остане во клубот. Останатите македонски ракометари во клубот исто така ќе треба да потврдат дали остануваат под новите услови.

Оваа сезона практично е обезбедено местото во плеј-оф, кое сепак треба да се потврди во последните четири кола од регуларниот дел во февруари, но со ваков „скратен состав“ кавадарчани ќе останат без големи шанси да се вмешаат за нешто повеќе од борба за петто место.