По Ф4 турнирот во Купот на Македонија, од утре се враќаат суперлигашките возбудувања во плеј-оф и плеј-аут фазата. Со натпреварот меѓу Скопје и Мулти Есенс ќе стартува претпоследното, 13. коло од вториот дел од сезоната. Овие две екипи веќе го изгубија супрлигашкиот статус и следната сезона ќе играат во прволигашката конкуренција.
Овој меч ќе биде единствениот на утрешната програма, в четврток ќе има два натпревари од плеј-офот, ќе играат Струга и Еурофарм Пелистер, односно Тиквеш и Пролет. Останатите натпревари од 13. коло од плеј-офот и плеј-аутот ќе се одиграат од 24 до 26 мај.
На две кола пред крајот познато е дека Еурофарм Пелистер, Вардар, Алкалоид и Охрид си обезбедија билет за настап во Европа, единствена непознаница е дали битолчани ќе ја одбранат шампионската титула. Пелистерци имаат 35 бодови, додека Вардар два помалку, односно 33. Вардарци сѐ уште се надеваат на кикс на битолскиот тим во последниот дуел против вицепрвакот.
Еурофарм Пелистер во претпоследното коло игра со Струга, а во последното коло на свој терен го пречекува тимот на Кире Лазаров. Пред неколку дена вицепрвакот го освои Куп трофејот, откако во финалето на пенали го доби дуелот со Еурофарм Пелистер, па така сигурно на натпреварот во Битола ќе игра за подобрување на бодовното салдо.
Супер лига, плеј-оф, 13. коло, распоред:
23/05, 13:00, Струга – Еурофарм Пелистер
23/05, 19;00, Тиквеш – Пролет
24/05, 19:00, Алкалоид – Бутел
25/05, 16:00, Вардар – Охрид