Стојменов и Фидановски комбинираа 16 гола, Драчево се враќа со два бода од Ресен

Тимот на Драчево Јуниор одржува чекор со водечкото дуо во Првата лига и славеше на гостувањето кај Преспа со убедливи 35-25.

Драчево Јуниор сега има 24 бода, зад „витамините“ од Автокоманда и Младост со по 28 бода, но тимот од Богданци има и меч помалку.

Избраниците на Велимир Настески имаа мали проблемми со домаќинот во првиот дел, но предводени од Филип Фидановски и Александар Стојменов, кои дадоа по осум гола, во второто полувреме комплетно го надиграа домаќинот.

Христијан Ристевски имаше 11 погодоци за Преспа, но тоа беше премалку за домашниот состав да се надева на нешто повеќе на дуелот со фаворитот.