Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер утре ќе игра против Фуксе Берлин во натпревар од 13. коло од Лигата на шампионите.
Пелистерци со евентуална победа ќе бидат многу блиску до осминафинале, додека бундеслигашот со два бода ќе остане во игра за директен пласман во четвртфиналето.
Тренерот на Фуксе Берлин, Јарон Сиверт, вели дека натпреварот со пелистерци е од голема важност за неговиот тим.
„Чувствувам како влогот да е голем за двете екипи. За нас е важно да останеме со шанса за да завршиме како второпласирани во групата. Ние минатата недела не си помогнавме со резултатот, па така сè е можно и затоа победа над Еурофарм Пелистер е многу важна во таа насока. За нашиот ривал секој бод е важен во борбата за 6-то место. Поради тоа, очекувам дека гостите ќе го дадат својот максимум“, изјави Сиверт.
Натпреварот меѓу Фуксе Берлин и Еурофарм Пелистер ќе се игра во „Макс Шмелинг Арена“ во Берлин утре со почеток во 20:45 часот.