Ракометарите на Тиквеш по поразот од Вардар ги очекува нов предизвик во суперлигашкиот плеј-оф.
Во Кавадарци гостува Бутел Скопје, кој беше совладан на гостувањето во првиот меч, а по двата порази во низа избраниците на Раде Стојановиќ посакуваат камбек на победничките патеки.
Средниот бек Славчо Шулески очекува триумф во Кавадарци.
„Секој натпревар за нас е значаен и на секој натпревар одиме на победа. Играме на домашен терен против Бутел Скопје, со нас сигурно ќе бидат нашите верни „Лозари“ и се надевам дека ќе победиме и ќе ги израдуваме. Ние секако ќе одиме на победа на сите останати натпревари до крајот. Не сакаме да се занимаваме со математики, што ќе се случи ќе видиме“, вели Шулески.
Тиквеш за првпат стигна до завршниот турнир во Купот на Македонија, но таму ќе се сретне со шампионот Еурофарм Пелистер.
„Нормално дека мислиме и на тој натпревар. Како што е познато, Тиквеш првпат е дел од Ф4 во Купот на Македонија. Мотивирани сме за тој натпревар и се надевам дека и таму ќе изгинеме и ќе дадеме свој максимум во сите 60 минути“, вели Шулески.
Тој е дел од младинската селекција што ја очекува настап на ЕП.
„Се надевам дека ќе бидам меѓу играчите што ќе играат на Европското првенство во Словенија во јули. Како што се борам за Тиквеш, исто така и за Македонија, ветувам дека ќе го дадам својот максимум за да оствариме што подобар резултат“, заврши Шулески.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Бутел Скопје се игра в сабота во салата „Јасмин“ со почеток во 18:00 часот.