Ракометарите на Охрид денеска можат да испишат нова клупска историја со пласманот во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп.
Сепак работата треба да биде заокружена со реваншот против Дукла Прага, а Охрид носи девет голови залиха од првата средба што ја доби со 30-21.
Тренерот Борис Ројевиќ ги сподели очекувањата пред дуелот со Дукла Прага.
„Па сигурно дека имаме голема предност и би требало да ја одбраниме, но во денешниот ракомет кој е брз се стигнуваат и многу поголеми гол-разлики. Мораме од самиот старт да бидеме концентрирани, да не му дадеме на ривалот „ветар во грб“ ако отвориме лошо, туку од стартот да одиме на победа. Дукла во Охрид покажа дека игра убав брз европски ракомет, но мислам дека добро се подготвиме, и се надевам дека момците ќе размислуваат на победа, а не само на пласман понатаму“, вели Ројевиќ.
Веќе е познат првиот тим во четвртфиналето, а тоа е босанскиот првак Извиѓач, кој го елиминира еден од фаворитите – словенечкиот Тримо Требње. Сега веќе нема аутсајдери, а тренерот на Охрид има само една желба, што не е врзана со името на ривалот.
„Извиѓач штом го победи два пати Тримо Требње, значи дека има огромен квалитет, додека другите можни ривали ќе бидат познати денеска. Моја желба е реваншот да го играме на домашен терен што не беше случај досега. Секако би сакал да го избегнеме победникот од дуелот меѓу Татабања и Рундар. Тука се Олимпијакос, Бузау со два милиони буџет…сметам дека ова е најсилниот ЕХФ Европски Куп во последните пет години дури посилен и од тогаш кога со Војводина го освоивме трофејот, исто и од лани кога победник беше тимот на Алкалоид“, заврши Ројевиќ.
Натпреварот меѓу Дукла Прага и Охрид се игра вечерва во СЦ „Репи“ во Прага со почеток од 18:00 часот.
























