Прилеп го одработи своето, сега ќе чека услуги – и тоа две!

Ракометарите на Прилеп славеа против Радовиш со убедливи 38-16 и ја одработија својата задача во 22 коло од Супер лигата.

Сега прилепчани се израмнија со Бутел Скопје со по 20 бода на делба на шестото место, а Еурофарм Пелистер 2 е седми со 19 бода. За прилепчани да се пласираат во битките за титулата, треба да чека да загубат двата конкуренти.

Но и бутелци и пелистерци имаат меч помалку, а допрва треба да играат против Тиквеш, односно Струга. Особено Бутел Скопје има „меч топка“ на домашен терен и со реми или победа против кавадарчани ќе го верификува пласманот во плеј-офот.

Прилепчани го решија прашањето околу победникот уште по првиот дел кога беше 20-8, а второто полувреме беше само формално одработување на задачата. Немаше никакви возбудувања, а шанса за настап добија сите ракометари од двата тима.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Денис Шабановиќ со седум и Никола Шипинкоски со шест гола, додека голманот Ангелески запиша 11 интервенции. Кај Радовиш, кој заврши со 22 порази на 22 меча, по четири гола имаа Иванче Ончев и Томче Трајчевски.