ПАРИЗ 2024: Осум години играше за Словенија, сега со Хрватска ќе удри против „своите“

Натпреварот меѓу Хрватска и Словенија од второто коло на машкиот Олимписки турнир ќе биде посебен за десното крило Марио Шоштариќ.

Членот на унгарскиот ПИК Сегед беше словенечки репрезентативец цели осум години, односно од 2012 до 2020 година и на 36 даде 69 гола.

Сепак во конкуренција на Гајиќ, Маргуч и Јанц, тешко се пробиваше и по ЕП 2020 не добиваше повици. Тоа решија да го искористат Хрватите и да му понудат да игра за нивната репрезентација.

Неговото потекло е хрватско, а неговите родители се преселиле во Словенија, каде што Шоштариќ е роден и пораснат.

„Првиот контакт го имав со тогашниот селектор Хрвоје Хорват кој ми се јави по Европското првенство во Унгарија и Словачка. Кога ме праша дали сакам да играм за Хрватска, во истата секунда му реков дека сакам. И претходно сакав да играм за Хрватска, сакав тоа порано да се случи, но никако не добивав повик“, изјави Шоштариќ за хрватските медиуми.

Според правилата на ИХФ, тој мораше да чека да поминат три години од последниот настап за Словенија, па тоа се случи во 2023 година.

Шоштариќ беше најдобар стрелец против Јапонија, а се очекува добрата форма да ја продолжи и против „своите“ Словенци.