Манасков: Добро ги познавам бутелци, само со тимска игра можеме до нова победа

Ракометарите на Тиквеш по триумфот над Вардар, ќе имаат незгодно гостување кај Бутел Скопје, кој досега нема победа по три кола во плеј-офот.

Некогашниот лев бек на Бутел, а сега на Тиквеш – Мартин Манасков, вели дека успехот против Вардар ќе биде голема мотивација за продолжување со победите.

„По триумфот над Вардар, атмосферата во клубот е позитивна и уверени сме дека тој успех ќе ни биде дополнителна мотивација за да ја продолжиме серијата победи во супергигашкиот плеј-оф“, вели Манасков.

Тој беше дел од Бутел Скопје и доволно го познава ривалот.

„Играв во Бутел Скопје и доста добро ги познавам ракометарите кои и тогаш играа со мене. Знам како е да се игра таму на теренот во Бутел Скопје. Ние треба да останеме фокусирани на задачите, да ја примениме тактиката на тренерот на терен, со тимска игра и голема борбеност да оствариме уште една победа“, заврши Манасков.

Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Тиквеш се игра в сабота во салата „Антон Димитров“ со почеток во 18:00 часот.