Македонија ќе биде во вториот барабан за ждрепката за СП 2027!

До почетокот на Светското ракометно првенство за мажи 2027, на кое Германија по седми пат ќе биде домаќин, има повеќе од 11 месеци, но подготовките веќе се во полн ек. Жрепката ќе се одржи на 10 јуни 2026 година во Минхен, во „Хофбројхаус“.

Конечната слика сè уште не е комплетирана, бидејќи остануваат уште 13 слободни места, а 19 се веќе обезбедени. Германија, како домаќин, и Данска, како актуелен светски шампион, беа единствените две селекции кои беа квалификувани уште пред континенталните натпреварувања одиграни во јануари.

Од Европа, шест селекции се сигурни учесници: Германија (домаќин), Данска (светски шампион), Исланд, Хрватска, Португалија и Шведска. На ЕП 2026 за мажи имаше четири визи за СП, а полуфиналистите обезбедија пласман. Бидејќи Германија и Данска веќе беа квалификувани, Португалија и Шведска ги освоија двете дополнителни места со тоа што завршија на петтото и шестото место.

Распределбата по рангови и обврзувачки места за континенталните федерации е направена според пласманот на континентите на претходното Светско првенство во машка конкуренција, согласно член 1.3.1 од Правилникот за натпреварувања на ИХФ.

ИХФ потврди дека распределбата по рангови е веќе утврдена.
Во првиот шешир ќе бидат шест европски селекции – актуелниот светски шампион Данска, домаќинот Германија, вицешампионот од Светското првенство 2025, Хрватска, Исланд, Португалија и Шведска – како и африканскиот шампион Египет и шампионот на Јужна и Централна Америка, Аргентина.

Вториот шешир ќе биде составен исклучиво од европски селекции, осум од десетте победници во европската Квалификациска фаза 3. Бидејќи Квалификациската фаза 2 сè уште не е одиграна, сликата не е целосно јасна. Единствените два веќе познати пара се Франција – Чешка и Швајцарија – Италија.
Словенија ќе игра против победникот од дуелот Финска – Црна Гора, Норвешка ќе го чека победникот од двомечот Турција – Романија, додека Унгарија ќе го добие за противник победникот од Србија – Литванија.
Шпанија ќе биде фаворит против подобриот од Грузија – Израел, а Фарски Острови ја бркаат својата историска прва светска виза во двомеч против подобриот од БиХ – Косово.
Последното место во вториот шешир ќе му припадне на победникот од двомечот меѓу Македонија и победникот од Украина – Словачка.

Списокот на учесници ќе биде комплетиран со победникот на Првенството на Северна Америка и Карибите, десет репрезентации од европските баражи – Квалификациска фаза 3 во мај 2026, како и две вајлд-карти, кои ќе ги додели Советот на ИХФ.

Според Правилникот за натпреварувања на ИХФ, жрепката за Светското првенство 2027 ќе се одвива по принцип на четири „шешири“ според пласманот. Прелиминарната фаза ќе се игра во осум групи со по четири репрезентации, а по три најдобро пласирани селекции од секоја група ќе продолжат во главната рунда.

Во третиот шешир ќе има две европски репрезентации, заедно со Бразил – четвртфиналист од Светското првенство 2025 и вицешампион на Јужна и Централна Америка 2026 – и азискиот првак Бахреин. Тука ќе бидат и африканските селекции Тунис и Зеленортски Острови, како и Чиле од Јужна и Централна Америка, а последното место ќе му припадне на првакот на Северна Америка и Карибите.

Во четвртиот шешир ќе се најдат Катар, Кувајт, Јапонија, Алжир, Ангола, Уругвај и двете селекции со вајлд-карта, со што ќе се заокружи списокот од 32 учесници.

БАРАБАН 1: Данска, Германија, Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска, Египет, Аргентина

БАРАБАН 2: Франција/Чешка, Финска или Црна Гора/Словенија, Норвешка/Турција или Романија, Србија или Литванија/Унгарија, Шпанија/Грузија или Израел, Швајцарија/Италија, БиХ или Косово/Фарски Острови, Украина или Словачка/Македонија

БАРАБАН 3: Холандија/Грција или Белгија, Австрија/Полска или Летонија, Бразил, Бахреин, Тунис, Зеленортски Острови, Чиле, првак на Северна Америка и Карибите

БАРАБАН 4: Катар, Кувајт, Јапонија, Алжир, Ангола, Уругвај, Вајлд-карта 1, Вајлд-карта 2

Турнирот ќе се игра од 13 до 31 јануари 2027 година, според официјалниот распоред на натпревари. Мечевите од прелиминарната фаза се распоредени така што секоја репрезентација има барем еден ден пауза меѓу два натпревари, без играње два дена по ред, со цел да се заштити здравјето и перформансите на играчите.

Главната фаза и Претседателскиот куп следат веднаш по прелиминарната фаза, повторно со најмалку еден ден пауза меѓу мечевите за секој тим. Финалниот викенд во Келн ќе ги донесе полуфиналињата, мечевите за пласман од 5 до 8 место, натпреварот за бронза и големото финале, секогаш со ден одмор меѓу настапите за тимовите.

Прелиминарната фаза (по две групи) ќе се игра во Минхен, Магдебург, Кил и Штутгарт. Главната фаза (по две групи) ќе се одигра во Келн и Хановер, додека Президент купот ќе се игра во Магдебург. Завршната нокаут-фаза, почнувајќи од четвртфиналето, ќе се одигра во „Ланксес Арена“ во Келн.

Според Правилникот за натпреварувања на ИХФ, организаторот има право да распределува селекции по групи. Во овој момент е познато дека Германија ќе игра во група А во Минхен, а Данска ќе биде во група Г во Кил, користејќи ја близината до данската граница за да привлече што е можно повеќе дански навивачи.