Маџовски и Ловќен се загреваа за Лигата на Европа

Екипата на Ловќен, во која настапува повремениот репрезентативец на Македонија, Бојан Маџовски, со победа се загреа за европскиот дуел против норвешкиот вицепрвак Елверум.

Ловќен во натпревар од 3. коло од црногорскиот шампионат за ривал ја имаше екипата на Партизан од Тиват и без многу проблеми дојде до убедлив триумф, кој беше изразен со 18 гола разлика, 41:23.

Левото крило Маџовски натпреварот го заврши со два постигнати погодоци, додека листата на стрелци во Ловќен беше предводена од екс ракометарот на Охрид, Филип Кривокапиќ.

Средниот бек имаше одлична партија и во дресот на домашниот тим имаше осум погодоци од девет обиди. Црногорскиот шампион на 17 октомври против Елверум ќе го одигра првиот дуел во Лигата на Европа.

Маџовски и колегите за ривали во групата Е ги имаат уште Кадетен Шафхаузен и бундеслигашот Фленсбург.