Љатифи: Ќе дадеме 110% од можностите да го искористиме овој историски момент

Ракометарките на Чаир се на патот до најголемиот клупски успех и викендов ќе го одиграат двомечот од третото коло во Европскиот Куп против португалската екипа Колехио Де Гаиа.

Чаир, кој досега во сезоната нема ниту еден пораз и запиша десет победи на домашна сцена и уште две на европска сцена, ќе има голем предизвик, а тренерот Басри Љатифи вели дека ривалот не смее да се потцени.

„Без разлика што моментално се во благ пад на формата, противникот е секогаш опасен и на крајот на сезоната очекувам да бидат во ТОП 4 во португалскиот шампионат. Имаме доволно информации за противникот, гледавме и видеа од нивните последни натпревари дома и на меѓународна сцена, па утврдивме дека најголемата опасност доаѓа од пивотот, која е репрезентативка на Португалија. Имаат и добра транзиција и полуконтра“, вели Љатифи.

Чаир има само победи од стартот на сезоната.

„Добрата атмосфера и досегашните победи во првенството, во Купот и во Европскиот Куп, придонесоа за да имаме одлична атмосфера во тимот и мотивирано да влеземе во овој круг за кој мислиме дека може да го поминеме и да се пласираме во осминафиналето“, продолжи Љатифи.

Чаирчанки би требало да бидат во комплетен ростер, но загрижува повредата на искусната Габриела Величковска.

„Габриела Величковска има повреда, можеби е посериозна, но мислиме дека до натпреварот со Колехио Де Гаиа ќе може да се опорави. Таа е столбот на нашата одбрана, и сметам дека ќе биде хендикеп за нас ако не успее да се врати навреме“, вели Љатифи.

Тој уверува дека ракометарките се и физички и психички подготвени за големиот предизвик, иако во последно време одиграа голем број натпревари.

„Освен натпреварот со Куманово во рамките на Купот на Македонија, кој беше еден вистински тест за нас и покрај високиот ритам успеавме да победиме, сите други на домашна сцена беа полесни, без да ги потцениме ривалите. Нашиот квалитет беше неспорен и завршивме без проблеми. Сите се физички и психички спремни за овој предизвик и мислам дека ќе дадеме 110% од можностите да го искористиме овој историски момент за подвиг кој ќе биде голем мотив за понатамошните чекори на нашиот клуб“, заврши Љатифи.

Првиот натпревар меѓу Чаир и Колехио Де Гаиа се игра на 16 ноември од 16:00 часот во Автокоманда, додека реваншот е утредента на истото место во истото време.