Ракометарките на Ѓорче Петров не успеаја да ја продолжат победничката серија во Женската лига и во натпревар од 16. коло одиграа само реми против Металург Автокоманда, 25:25.
Дерби дуелот ги оправда сите очекувања, бидејќи во самиот финиш се одлучуваше за исходот од натпреварот.
Голманката на Ѓорче Петров, Слободанка Кицеска, го анализираше одиграниот натпревар со тимот од Автокоманда.
,,Според мене, натпреварот заврши со реален резултат за двете екипи. Имаше премногу грешки на двете страни. Што се однесува до нашата игра, како што кажав, имавме многу грешки кои на крајот не чинеа. Нападот беше неорганизиран без дисциплина и најважно беше сознанието дека за неколку моменти противникот ќе ги казни нашите грешки. Во секој случај, натпреварот ни дојде одлично пред европскиот предизвик со Елче. Имаме уште еден ден колку што можеме да ги воочиме грешките и да ја финализираме подготовката за натпреварот во недела”, изјави Кицеска.
Следен предизвик за Ѓорче Петров е натпреварот против Елче во рамките од четвртфиналето во Европскиот Куп.
🎥Голема драма – гол во последната секунда за реми на дербито