Европскиот шампион Барселона го совлада Келце со 30-28 и го остави полскиот тим да стравува за пласманот во елиминациите од Лигата на шампионите.
По израмнетиот прв дел, во кој најчесто се играше гол за гол, каталонскиот гигант клучната предност ја направи на стартот на второто полувреме.
По 16-15, се одлепи на плус три, 18-15, а потоа преку Гомез, кој успешно ги реализираше пеналите беше и 21-16. Кадах и Македа погодуваа, но и трошеа многу топки, па Келце немаше можност да се врати во натпреварот и на крајот си замина со пораз.
Најдобри стрелци кај победникот беа Н’гесан со пет, како и Фраде и Гомез со по четири, а голманот Нилсен имаше 13 одбрани, додека кај полскиот тим се истакна Македа со шест гола.
Барса е прва на табелата со 19 бода и е сигурен четвртфиналист во ЛШ, додека Келце на дуелите со Нант дома и Загреб на гости ќе ја бара својата шанса. Тимот на Душебаев е седми на табелата со осум бода, а згора на се меѓу двете средби од ЛШ го игра и големото дерби со Висла Плоцк.