ИНТЕРВЈУ АНГЕЛА И МАРИЈА ЈАНКУЛОВСКИ: Потекнуваме од Битола, ракометот ни е во душата!

Македонската ракометна сцена изобилува со фамилијарни врски, а од нив сезонава во најсилната женска лига белег оставија сестрите Ангела и Марија Јанкуловски. Бековскиот тандем на ЖРК Ѓорче Петров имаше одличен настап, како во домашното првенство, каде „лавиците“ стигнаа до двојна круна, така и во Европскиот куп, во кој ѓорчепетровки се најдоа во Топ-8, што е прв (по)голем резултат на еден женски клуб, по распаѓањето на шампионскиот ЖРК Вардар.

Ангела (21), која е лев бек, сезоната ја финишираше во топ-3 стрелци на европско тло во клупски рамки, додека Марија (18), како организатор на играта, беше избрана за најкорисен играч на финалниот турнир од Купот на Македонија. Сестрите кои потекнуваат од Битола својата ракометна приказна сега ја пишуваат во Скопје, со надеж дека во блиска иднина ќе бидат дел од некој европски клуб.

Девојките доаѓаат од спортско семејство, но се и музички потковани (Ангела свири на гитара, а Марија – виолина). Во ракометот влегуваат по сопствена желба и сега се комплетно фокусирани на него. Марија, се најде и на потесниот список на младинскиот национален тим за претстојното Светското првенство, а таа воедно е и матурант и размислува каде да го продолжи образованието, па ја очекува долго топло лето. Ангела факултетот за компјутерски науки во Битола го има ставено на „чекање“ и е на „слатки маки“ – дали ќе остане во редовите на ЖРК Ѓорче Петров или пак, ќе влезе во интернационалните води?

„Како сите амбициозни играчи и јас сакам да играм во некоја посилна лига. Чувствувам дека сè што може да се постигне имам постигнато во македонската лига. Три години во низа шампиони со Ѓорче Петров, сезонава и двојна круна. Претходно и со Куманово имам освоено двојна круна и мислам дека во нашата лига, тоа е врвот. Од една страна предизвик ми е да останам, да го потврдам успехот со Ѓорче Петров од оваа сезона и зошто да не следната да одиме чекор напред во Европа, но од друга страна сакам да заминам во странство. Имам понуди, но немам ништо одлучено. Се двоумам“ – потенцира Ангела.

За разлика од неа Марија е на уште посериозна крстосница.

„Ова е бурен период за мене, малку како во бунило. (се смее) Имам обврски со младинската репрезентација, со која со подготвуваме за настапот на Светското првенство. Од друга страна матурски испити, одлуки за каде да се насочам во иднина кога станува збор за образованието. Немам ништо размислувано за следната сезона. Потребно ми е време за тоа, добро да размислам и да одлучам која е најдобрата опција за мене. Мислам дека секој амбициозен играч сака да замине во странство, бидејќи нашата лига е на пониско ниво и секој си бара излез и подобра опција.“

СПОРТ, МУЗИКА, СПОРТ

Сестрите потекнуваат од спортско семејство, но нивната мајка сметала дека музиката е добра втора опција во животот и поради тоа тие завршуваат и нижо музичко училиште во Битола, пред да одлучат да се посветат на спорт.

„Нашето семејство е спортско – мајка ми била гимнастичарка, татко ми атлетичар, а нашата најстарата сестра исто така е атлетичарка. Никој не бил ракометар, ние сме први. (се смеат) Иако сме спортски ориентирани мајка ни не прати (сите три сестри) да учиме нижо музичко училиште, бидејќи тоа било убава втора опција во животот, како џокер, ако не се пронајдеме во друга професија“ – паралелно раскажуваат.

„Воопшто не сакав да учам, а бев запишана на гитара. Досадно ми беше, свиревме само некои класични композиции. Две години откако го завршив училиштето ја немав допрено гитарата, стоеше во еден агол. Потоа еден ден видов друштво во паркот како се забавува – свиреа на гитара и пееја и почнав сама. Од интернет учев акорди, песни и сама научив како да свирам, за моја душа, за забава и сега свирам гитара многу често“, вели Ангела, додека Марија се надоврзува: „Јас сум задолжена за пеење. Порано свирев на виолина, но не се пронајдов во тоа и повеќе не свирам.“

Од каде тогаш се најдовте во ракометот? Битола е ракометен град, па тоа одигра улога?

„Марија е иницијаторот“ – вели Ангела.

„Мислам дека имав пет години кога гледавме некое ЕП или СП мажи на ТВ и го засакав ракометот. Се појави некоја желба за да тренирам и им кажав на родителите и тие ме однесоа во ’Хандбол јуниор скул’, каде тренери ми беа Иван Марковски и Александар Зарков и така почна приказната“, се потсети Марија.

„Двете почнавме заедно да тренираме, но Марија беше иницијаторот. Јас претходно бев гимнастичарка, рекреативно тренирав и имав голема желба да станам врвна гимнастичарка и тоа секогаш им го кажував на домашните. Интересно, дедо ми, не знам зошто секогаш ми одеше контра и ми велеше ’Не, ти ракометарка ќе бидеш!’ На крајот вистина така се случи – да сум ракометарка“, додава Ангела.

ВО БИТОЛА АКЦЕНТОТ Е НА МАШКИОТ РАКОМЕТ

Јанкуловски со ракомет почнуваат во ’Хандбол јуниор скул’, но матичен клуб им е ЖРК Пелистер каде се развиваат како ракометарки. Во одреден степен и Ангела и Марија ќе почувствуваат дека играчки ја надраснале средината во која се и бараат нови предизвици.

„’Хендбол јуниор скул’ беше само школа и не бевме во систем на натпреварување на РФМ во млади категории и поради тоа се префрливме во ЖРК Пелистер. Таму се развивавме, и конкретно за мене, веднаш влегов и во првиот тим, односно играв и во кадетска и младинска и сениорска конкуренција. Факт е дека во Битола акцент повеќе е ставен на машкиот ракомет, не знам од кои причини не се вложува толку во женскиот. По четири години минати во Пелистер, генерацијата која ја имавме се распадна, сите си заминаа, како и тренерот Викторија Мурговска и знаев дека нема да можам повеќе да напредувам во таа средина и на 17 години одам во Куманово. Имав добра понуда од клубот, а и тоа ми беше добар избор за чекор напред во кариерата. Освоивме двојна круна, игравме во ЕХФ купот, што беше чекор повеќе, со оглед на тоа дека со Пелистер настапив во Челинџ купот. Паметам дека кога го освоивме Купот со Куманово бев МВП и најдобар стрелец на финалниот турнир, што и индивидуално многу ми значеше. Потоа дојдов во ЖРК Ѓорче Петров, кој се формираше во тоа време. Со Симе Симовски се познававме затоа што претходно соработувавме една полусезона во Куманово, но Ѓорче го одбрав најмногу поради тоа што ми се допадна проектот. Голем дел од соиграчите ги познавав и знаев дека ќе бидам во добра средина, во која ќе можам да растам како играч“, во куси црти мина низ кариерата Ангела.

Постарата сестра три сезони е дел од „лавиците“ додека помалата се приклучи година дена подоцна.

„Не влијаев на нејзиниот избор. Управата и тренерот ја сакаа, а таа сама си донесе одлука“ – потенцира Ангела, а Марија продолжува: „Имав неколку понуди во тој период, но најпривлечна беше онаа на Ѓорче Петров. Можеби имаше удел и конфор зоната која ја гледав поради присуството на сестра ми, но ги и познавав девојките во екипата, имав поддршка и полесно беше да се вклопам. И јас како Ангела се развивав како играч во Пелистер, каде тренер во последната сезона ми беше Кире Митревски, на кој сум му многу благодарна. Во последната сезона ми беше веќе јасно дека морам да заминам од Пелистер.“

НЕ СМЕ СИ КОНКУРЕНЦИЈА!

Ангела игра на левата бековска позиција, додека на Марија основна позиција и е среден бек, но може да покрие и како лев. Иако може да се случи да се борат за исто место на теренот, тие потенцираат дека не се конкуренција една на друга.

„Не се гледаме како конкуренција. Сестри сме, не може да си бидеме конкуренција“ – децидна е Ангела – „Ако е подобра од мене нормално таа ќе игра или ќе се бориме за позиција.“ (се смее)

„Ангела од самиот почеток е лев бек. Јас бев помала и играв и лево крило, но потоа како се развивав сега сум повеќе плејмејкер, иако можам да покријам и како лев бек“, објаснува Марија.

СЕЗОНА СО ОЦЕНКА „ОДЛИЧЕН“

ЖРК Ѓорче Петров доминантно, со 25 победи, едно реми и без пораз ја одбрани шампионската титула (или трета во низа), а сезонава успеја и да ги обедини круните освојувајќи го Купот. Паралелно со тоа „лавиците“ стигнаа и до четвртфиналето во Европскиот куп, што е прв (по)голем резултат на еден женски клуб, по распаѓањето на шампионскиот ЖРК Вардар.

„Најуспешна сезона на Ѓорче Петров, на овој нов Ѓорче Петров (се смее). Покрај двојната круна, ние сме прва екипа по ЖРК Вардар што стигна толку далеку на европска сцена и среќни и задоволни поради тоа. Овој успех дефинитивно доаѓа од процесот на созревање на екипата, затоа што ние не сме истиот тим од пред две години. Основата (девојките) остана од почетокот до сега и созреавме заедно, создадовме атмосфера и амбиент во кој тимот расте и сега веќе се чувствуваме како фамилија. Успехот дојде од тоа – резултатот кој го имаме сега е одраз на тоа. Ѓорче Петров е клуб со амбиции, но ние самите сме свесни колку вредиме и која е нашата цел, колку може да постигнеме и до каде може да одиме. Тоа ни стана јасно кога влеговме во топ-8 екипи во Европа. Од денешна гледна точка, ако имавме малку повеќе среќа во ждрепката и го избегневме Елче, кој го освои Европскиот куп и со тоа покажа дека бил најсилниот ривал во четвртфиналето, може ќе отидевме уште подалеку во Европскиот куп. Најважно е дека нема притисок, има само поддршка и голем мотив за работа и докажување. Секој си ја знае својата задача, секој си ја работи својата работа, се почитува зборот на тренерот и максимално работиме и се влежуваме – резултатите доаѓаат сами по себе“, заклучува левиот бек.

Исто размислува и Марија.

„На почетокот на сезоната ја имавме јасно поставена целта, која ја исполнивме максимално. Ова е одлично одработена сезона, се што имавме поставено ако амбиција исполнивме – двојна круна плус четвртфинале во Европа – одлично! Вистина е дека функционираме како семејство, ако искрено зборуваме, ние повеќе време минуваме со екипата, отколку со фамилијата и затоа е тоа така.“

Новиот ЖРК Ѓорче Петров ги доби во аманет и титулите на оној со предзнак Кометал, па така се вкупно земено сезонава стигнаа до јубилејната 20. шампионска титула. Колку тежат тие титули?

„Апсолутно, титулите носат притисок и обврска и треба да се оправдаат. Но колку што се притисок, толку се и мотив. Ние почнавме полека да го оправдуваме тој статус. Мислам дека сме на добар пат и дека допрва доаѓа времето во кое ќе покажеме дека со право сме ги наследиле.“

МЛАДИНКИТЕ СО ВИСОКИ МУНДИЈАЛСКИ АМБИЦИИ

Светското првенство за младинките летово е во фокусот на Марија Јанкуловска. Тоа е последно големо натпреварување за нејзината генерација која го освои ЕХФ Шампионатот во Литванија во 2021 година и го насочи вниманието кон младинскиот женски ракомет. Сега како домаќини на Мундијалот, се надеваат дека ќе го најават нивниот влез во сениорска конкуренција со голем успех.

„Имаме група која сами си ја одбравме и го чекаме првенството со големи амбиции. Оваа генерација го освои Шампионатот во Литванија и со тоа си отвори пат и на себе, но и на оние кои доаѓаат по нас, па поради тоа сакаме од младинката конкуренција да се одјавиме најдобро што можеме. Имаме желби и цели да стигнеме далеку. Горди сме на сето она што го направивме досега, имаме убава атмосфера во селекцијата и се надевам дека со поддршка на домашната публика ќе славиме успех. За почеток фокусот ќе ни биде да ја поминеме групата, а потоа чекор по чекор“, вели средниот бек.

За разлика од неа, Ангела е фокусирана на Европското првенство во декември со сениорската репрезентација.

„Добивме релативно тешка група – Унгарија, Турција и Шведска. Промената на селекторот донесе промена и на системот, и на енергијата во репрезентацијата. Меѓу девојките има убава хемија. Играњето за националниот тим е чест и гордост, но и задоволство затоа што доаѓаме во убава средина, со добра енергија и мислам дека резултатите се најдобар показател за тоа како функционира репрезентацијата во моментов. Потребни ни се добри подготовки за ЕП, кои не се сомневам дека ќе ги имаме, и со атмосферата која постои зошто да не изненадиме на ЕП!?“ – прашува Ангела.

КАРАОКЕ ПРЕД НАТПРЕВАР

 Сестрите имаат интересен начин за мотивација пред натпревар – со караоке.

„Натпреварите најчесто ни се попладне, па наутро имаме некоја лесна активација – истегнување, вежбалница, јас некогаш знам и велосипед да возам. Ритуал пред натпревар ни е караоке. (се смее) Ќе си пуштиме музика, јас свирам на гитара, Марија пее и тоа ни е некој заеднички ритуал. Соиграчите кои не слушаат (бидејќи собите ни се во близина) се шегуваат дека концерти си правиме“, се смее Ангела и зборува, а Марија додава: „Знаеме и да си пуштиме и некој натпревар од Лига на шампиони да гледаме и така да се инспирираме и мотивираме, од играта на нашите идоли.“

Кои Ви се идоли?

Марија: Стине Офтедал, неа ќе ја издвојам како идол, поради неа носам и број 15 на дресот (број кој Офтедал го носи во Ѓер)

Ангела: Микел Хансен, тој е ѕвезда која го разбира ракометот. Понекогаш Симе (Симовски) ме именува како Хансен, според тоа како сум шутирала од зглоб. (се смее)

 

СЕКОЈА СЕ ГРИЖИ САМА ЗА СВОИТЕ РАБОТИ

Ангела и Марија, заедно со останатиот дел од соиграчите живеат во студентскиот дом ’Гоце Делчев’ каде секоја има своја соба, а тоа значи дека секоја сама се грижи за своите работи. За себе велат дека се снаодливи и дека дел од обврските им се поделени, во зависност од тоа која какви активности има во одреден период.

„Марија е ранобудник, но тое е поради обврските кои ги има на училиште и со тоа има навика да станува рано. Секоја се грижи сама за својата соба, си ги знаеме домаќинските работи. (се смее) Јас повеќе готвам, затоа што имам повеќе слободно време од Марија, која има училишни обврски. Заеднички се грижиме, но најмногу секоја за своите работи“, објаснува Ангела.

Марија, како помала сестра, признава дека ја слуша Ангела.

„Ангела е постара и морам да ја слушам, но не секогаш. (се смее) Јас сум потрпелива, додека Ангела е поизбувлива, таков и е карактерот да избувне, додека јас знам да премолчам.“ Ангела се надоврзува на ова: „Знам да избувнам на тренинзи и тоа токму на Марија, но затоа што знам дека ќе ме сфати. Тоа е моментално, потоа го забораваме.“

КРИТИКИТЕ СЕ ДОБРЕДОЈДЕНИ

Меѓусебно знаат и да се мотивираат и да се критикуваат.

„Двете си имаме свои моменти. Така се надополнуваме. Таа ми укажува на моите грешки, јас на нејзините и така си помагаме“, вели Марија, а Ангела продолжува: „Тоа се нормални работи, не само меѓу нас, туку и со другите играчи во тимот. Јас сум таков играч прифаќам критики, ги сметам за добронамерни и се трудам тоа што не е добро да го поправам.“

АНАСТАСИЈА НИКОЛОВСКА Е КАПИТЕН ЗА ПРИМЕР

Кога ја споменаа и екипата морав да ги прашам каков мотиварот е тренерот Симе Симовски? Покрај него тие убави зборови имаа и за капитенот Анастасија Николовска.

„Симе добро не познава и интересно е како има изградено пријателски однос со нас, но и авторитет, и постои голема почит од екипата кон него, неговиот збор е последен. Знае да ги кажа вистинските работи во вистинско време, а потоа му дава простор на капитенот – Анастасија Николовска. Таа е одличен мотиватор, пример за капитен, се грижи за екипата, одговорна е и кога таа ќе каже нешто – како да се свестуваме во истиот момент. Добро не познава како соиграчи и знае каде да не погоди“ – едногласни се сестрите, а Ангела продолжува: „Како за пример, во Европскиот куп, стануваш свесен за своите квалитети и можности, и секоја од нас сака убаво да одиграме и како поединец и како екипа. Но, на првиот меч со Хазена во Скопје како да имавме некоја трема, не можевме да се познаеме една со друга. Помина едно полувреме, се свестивме, имавме момент во соблекувалната кога сфативме дека се е до нас, се смиривме и второ полувреме одигравме одлично.“

КОГА НЕМА ДА ТИ ТРГНЕ, ИГРАШ ЗА ДРУГИТЕ

Што се однесува до тоа како функционираат на терен, Марија ја гледа Ангела за пример и покрај тоа што таа е среден бек кој треба да диктира темпо на игра.

„Позицијата ми е таква што јас ја организирам играта, но Ангела од секогаш сум ја гледала како пример за мене. Да, можеби јас ги водам работите на теренот, но знам со што располагам, ги знам девојките со кои играм и знам со која како треба да одиграм во зависност од ситуацијата, од тоа на кој ќе му тргне и играм за него“, истакнува Марија.

Кога не ви е денот?

Марија се шегува: „Симе смени ја, жити се! (хахахах) Ако на некоја од нас не и тргне сама ќе побара замена, а и тренерот е фер и кога ќе види дека не ’ти е денот’, не седнува на клупа, ни дава шанса да одмориме, да ги средиме мислите.“

„Кога нема да ти тргне тебе, тој ден играш за другите, барем така е во мојот случај“, потенцира Ангела.

Ангела е поповлечена по природа и посрамежлива, но не теренот доживува трансформација.

„Вистина е дека сум посрамежлива, потешко се опуштам, но на терен трансформација мора да постои. Треба да се разгори внатрешниот жар, да проработи инаетот, за да можеш да го дадеш најдоброто од тебе. Трема секогаш постои, но таа треба да се потопи, едноставно опуштено да се игра, со голема самодоверба. Големите играчи се што имаат да кажат кажуваат на терен, а во тоа добро се гледа и карактерот на играчот“, вели постарата сестра.

ВО СКОПЈЕ СЕ Е СО ПЛАН И ПРОГРАМА, БИТОЛА Е ДОМА

Ангела и Марија функционираат на релација Скопје – Битола.

„Скопје е поголем град и времето е побрзо тука. Во Битола е поинаку, се ми е на 20 минути. Убаво ми е на душата кога одам во Битола, а неубаво кога се враќам во Скопје. Во Скопје се е по план и програма, додека во Битола помалку се заморувам за некои работите, можеби и дека мама е дома“, низ смеа вели Ангела, која потенцира дека и поинакво е чувството и кога игра во „Боро Чурлевски“: „Знам колку време сум поминала на тој терен и ми се враќаат спомени, некоја носталгија… Знам дека сум професионалец и треба да си ја завршам работата, но тоа место е посебно за мене.“

„За Скопје многу е потребен автомобил“ – се смее Марија – „Во Битола има помалку луѓе, сите се знаеме. Битола на двете ни е во срцето, дома си е дома. А кога ни е досадно дома, имаме каде да одиме во Скопје.“

Тоа што потекнуваат од Битола на сестрите им носи уште една навика – планинарење.

„Кога си од Битола планинарење на Пелистер е задолжително. Паметам ако не повеќе тогаш секоја недела кога бевме мали го искачувавме Тумбе кафе. Ракометот и планинарење ни се во душата бидејќи од такво место потекнуваме. Во слободно време сакам да возам и велосипед, кога нешто ми е тешко тоа ме обновува. Сакам и книги и филмови, романтични, за опуштање“, открива Ангела.

„Пешачење, музика – без неа светот би ми бил црно-бел, книги, но најмногу сакам да се дружам со другарките“, вели Марија.

Со оглед на обврските и набиениот распоред имате време за излегување?

„Преку сезона не, но сакаме и знаеме да се почестиме за некој успех, тогаш тимски прославуваме. Ретко во текот на сезоната.“

СОНОТ Е ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Амбиција во кариерите на двете сестри е да играат во Лигата на шампионите еден ден.

„Сум била приватно, како турист во Данска и Шведска, но би сакала да видам како е таму животот како спортист, па затоа скандинавските земји или можеби Франција каде ракометот е на врвно ниво, се земји во кои би сакала да играм во странство. Секако клуб кој ќе игра во Лигата на шампионите е сечија желба и амбиција, па и моја“, завршува Ангела.

„Клуб во Лигата на шампионите – секако – Ѓер, Вајперс, Мец, но јас повеќе сум за Унгарија или Франција како посакувана дестинација“, вели Марија.