Група Е: Шведска со Готфридсон фаворит, Холандија без Смитс шанса за БиХ

24Ракомет - единствениот специјализиран портал за ракомет, до стартот на Европското првенство со серија анализи од истакнати тренери ќе Ви ги претстави сите групи и учесници на континенталниот собир. Групата Е за 24Ракомет ја анализира Александар Јовиќ.

Групата Е има јасни фаворити. Шведска и Холандија ќе се борат за освојување на првите две места во следната фаза.

Босна и Херцеговина е репрезентација од балканските простори која може да се надмине  и да направи изненадување во групата Е. Тие својата шанса ќе ја бараат особено во натпреварот со репрезентацијата на Холандија. Додека Грузија е дебитант на големите натпреварувања и аутсајдер во споредба со останатите три репрезентации.

ШВЕДСКА

Шведска засилена ќе го започне овој турнир. За разлика од минатото првенство, во дресот на Шведска се враќа најдобриот играч и лидер на тимот, Јим Готфридсон. Со неговото враќа Шведска е главен фаворит за првото место во групата, како и за висок пласман на ова Европско првенство.

Глен Солберг е селектор на Шведска од 2020 година, имаат одличен систем во сите фази на ракометната игра, се работи за многу цврста и сериозна репрезентација.

Шведска е селекција со многу добри индивидуалци кои се одлично вклопени во тимски систем на игра. Јим Готфридсон е глава и продолжена рака на тренерот на терен.

Тие играат карактеристична 6:0 одбрана со излез на играч со топка до 9.5 метри, со многу прекини на игра. Гранитна и подвижна одбрана која се надополнува со одлични голмани, само потврдува дека одбраната е појака страна на шведската репрезентација.

Тие се најквалитетната репрезентација во групата Е и ќе биде изненадување доколку не го освои првото место во групата. Покрај Готфридсон, клучни играчи ќе бидат и голманот Андреас Паличка, како и левото крило Хампус Ване.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Во однос на претходните првенства, на ова Европско првенство Босна и Херцеговина ќе настапи без крилните играчи Хаселиќ и Овчина, средниот бек Периќ и Лукиќ, ракометар кој пополнуваше на сите бековски позиции. Босанците се пласираа на ова првенство преку тешка квалификациска група, што дава за право да констатираме дека промената во играчки кадар не се одрази на резултатите на репрезентацијата. Босна и Херцеговина има нов селектор на ова првенство, затоа очекувано ќе има промени и во начинот на игра.

На селекторската позиција Ирфан Смајлагиќ го наследува Билал Шуман кој долги години ја водеше репрезентацијата на Босна и Херцеговина, човек кој има големи заслуги за враќањето на БиХ на големите натпреварувања.

Ирфан Смајлагиќ беше дел од стручниот штаб на Лино Червар во време кога Хрватска освојуваше златни медали (Светско првенство 2003 и Олимписки игри 2004), во својата тренерска кариера беше селектор и на Египет. Тренер кој е голем работник, човек кој бара челична дисциплина и сака да наметне игра со силна и цврста одбрана, добра транзиција во напад, дисциплина во позиционен напад и брза транзиција од напад во одбрана.

Во недостиг на добри индивидуалци кои можат да решат напад еден на еден или добри шутери од надворешните позиции според мене Смајлагиќ ќе инсистира на игра два на два (игра преку пивот), игра со многу вкрстувања за да дојдат до чиста шанса за шут. Акцент ќе се стави на дисциплиниран напад до пасивна игра.

Во одбраната Босна и Херцеговина игра две одбранбени формации 6:0 и 5:1. Играат борбено и агресивно во одбрана со многу прекини во играта (фаули). Одбраната е појако оружје на оваа репрезентација.

Буриќ-Ахметашевиќ се одличен голмански пар, кој одлично се надополнува. Во овој тим најдобро се покриени токму на голманската позиција. Според квалитетот на групата Е, Босна и Херцеговина реално треба да заврши на третата позиција пред Грузија. Својата шанса во следната фаза ќе ја бараат во натпреварот со репрезентацијата на Холандија. Покрај браќата Бенјамин и Сенјамин – голман и пикер, меѓу клучните играчи се дефанзивецот Мирсат Терзиќ и десниот бек Марко Паниќ.

ХОЛАНДИЈА

Голем хендикеп за селекцијата на Холандија ќе биде не играњето на Кај Смитс, кој беше четврт стрелец на минатото првенство. Многу битен ракометар и тешко ќе се надополни неговото отсуство на ова Европско првенство.

Штафан Олсон е шведски тренер кој ја презема репрезентацијата на Холандија минатата година. Тие се тим кој игра ракомет со многу трчање, секогаш играат на гол повеќе. Во напад глава и мотор на Холандија е Лук Стеинс. Страшен играч во играта еден на еден, многу незгоден за чување. Се започнува со него и тој е вистински лидер на репрезентацијата.

Во одбрана играат зона 6:0 и 5:1. Одбраната им е послаба страна, а тоа го надополнуваат со брза транзиција, брз центар и полуконтра.

Во групата Е имаат реални шанси да се пласираат на втората позиција и да поминат во главната фаза бидејќи се поквалитетна репрезентација од Босна и Херцеговина и Грузија.

Покрај лидерот Лук Стеинс, во селекцијата на Холандија клучни играчи ќе бидат Барт Равенсберген и Дани Бајенс.

ГРУЗИЈА

Репрезентација која е дебитант на големите натпреварувања и самиот пласман е голем успех за Грузија. На ова првенство ќе настапат без првата опција на позицијата лев бек Николоз Каланадзе, кој е повреден. Својата шанса за освојување на третата позиција во групата Е ја гледаат во дуелот со Босна и Херцеговина.

Тите Каланадзе е добро познато име на македонската спортска јавност, бидејќи во својата играчка  кариера настапуваше и за Вардар. Веќе неколку години е селектор на репрезентацијата на Грузија и има големи заслуги за пласманот на Европското првенство.

Во нападот имаат добри ракометари за игра „еден на еден“ во Георги Сковребадзе на десен бек, кој настапува во германската Бундеслига (Гумерсбах) и Иракли Кбивашвили на среден бек кој настапуваше и за Металург. Имаат бек шутер Темо Орјоникидзе, ракометар на Охрид, пивотот Арсенавишвили настапува во шпанското првенство, како и голманот Цинцадзе, кој брани во одлична форма во Полска.

Главна одбранбена формација е 6:0, а по потреба играат и 5-1. Прва опција на голманската позиција е добро позната на македонската јавност, Цинцадзе кој играше во Прилеп, Охрид, а сега го брани голот на Азоти Пулави во полскиот шампионат.

Објективно по квалитет се најслаба репрезентација во група Е, својата шанса за бодови ќе ја бараат во натпреварот со Босна и Херцеговина. Дури и да го завршат турнирот на последното место во групата, самото учество на ова Европско првенство е голем успех.

Клучни играчи во грузиската селекција се десниот бек Георги Сковребадзе, средниот бек Иракли Кбилашвили и капитенот Темо Орјоникидзе на левата бековска позиција.


*Александар Јовиќ е истакнат поранешен македонски репрезентативец и ракометар на Јафа Промет, Пелистер, Вардар, Металург, Бродомеркур Сплит… Тренерска кариера ја започна покрај Лино Червер и важи за еден од најдобрите македонски тренери. Во својата тренерска кариера беше селектор на младинската репрезентација на Македонија, ги водеше Металург и Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, а моментално е актуелен тренер на скопскиот суперлигаш Пролет 62. Своето искуство и знаење го сподели и со младинските категории на Металург, Академија Алушовски, Еурофарм Пелистер и Националната Академија на Македонија.