Еден од сегашните суперлигаши, тимот на Голден Арт, кој во следната сезона ќе се пресели во понизок ранг на натпреварување, односно во прволигашката конкуренција, преку соопштение искажа голем револт од судењето на натпреварот во Куманово.
Имено, Голден Арт во натпревар од 11. коло од плеј-аут фазата гостуваше во Куманово кај истоимената екипа и минимално беше поразен со 25:24. Од таборот на „градежниците“ посочуваат дека штета на нивна корист имало во повеќе наврати, вклучувајќи и во натпревари од младинските категории.
Во прилог прочитајте ја целата објава на РК Голден Арт на нивната ФБ страница.
,,РК Голден Арт минимално и неправедно поразен во Куманово.
Во натпреварот од 11 коло од суперлигашкиот плеј-ауто на гостински терен минимално бевме поразени од екипата на МРК Куманово со конечни 25-24.
И повторно неправедно судење кон нашата екипа. На кого му пречи овој клуб, кој исклучително се бави со млади и МАКЕДОНСКИ играчи? Повторно криминални фаули врз нашата екипа, повторно (НЕ)судење на фаули кој можат да остават трајни последици на ракометарите, измислени престапи кои ги нема, манипулирање на преостанатото време од натпреварот и ред други судиски нереглураности.Основна задача на судиската двојка е да ги заштити играчите, како да се случи тоа кога судиите изгледаат како аматери на теренот. Дали еден судија може да си дозволи да упатува „пцофки“ до публиката? Во кој универзум е тоа дозволено, а не па на ракометен натпревар. Судиската двојка не носеше правилните одлуки туку она што им е наредено. За што играат нашите момци? Повторно и повторно сме мета на нерегуларно судење, дали е тоа во супер лигата, дали е во младинските категории. На кого му пречи овој клуб кои е 100% приватно финансиран?
Факт е дека оваа полусезона, планот кој предходно бил договорен се исполнува, РК Голден Арт да ја напушти суперлигата. Дали на некому пречиме со тоа што воведовме нови стандарди и услови за клуб кои исклучително сака да работи со домашни и млади играчи? Ние како клуб ке продолжиме да се бориме за праведност во спортот, бидејќи ако нема правда во спортот нема ниту спорт. Мораме да ги пофалиме сите наши играчи во сите категории кои го даваат максимумот на секој натпревар и покрај судиските одлуки што им се досудуваат. Ракометот во Македонија е загрозен”, стои во клупското соопштение на Голден Арт.