Ѓеоргиевски: Охрид го напаѓа врвот, ние сакаме да му ги „замрсиме“ сметките

Тимот на Бутел Скопје го очекува тешка пресметка на домашен терен во суперлигашкото друштво и меч со амбициозниот Охрид.

Капитенот на бутелци, Димитар Ѓеоргиевски, ги сподели очекувањата од пресметката против тимот на кој знаеле секогаш да му направат проблеми.

„Очекувам да одиграме еден добар натпревар во двата правци и да се обидеме да му ги замрсиме сметките на фаворитот Охрид. Секогаш сме играле добро против Охрид особено на домашен терен, но оваа екипа на Охрид е нова, со нов тренер, составена да го нападне врвот во македонскиот ракомет. Фаворитската улога е секако на нивна страна, но ако ни се укаже шанса зошто да не ја искористиме. Целта на Бутел оваа сезона е иста како и досега, пласман во плеј-офот“, вели Ѓеоргиевски.

Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Охрид се игра во салата „Антон Димитров“ в среда со почеток од 18:00 часот.