Гачевиќ: Имавме и добри лоши моменти, но најважно е што се пласиравме на Ф4

Ракометарите на Тиквеш со двете победи над Еурофарм Пелистер 2 со 26-23 и над Мулти Есенс со 32-28, за првпат во историјата обезбедија место на завршниот турнир во Купот на Македонија.

Еден од најзабележителните ракометари во кавадаречкиот состав кој двата меча ги играше на домашен терен во „Јасмин“ беше Спасоје Гачевиќ.

Српскиот интернационалец постигна девет погодоци и вели дека грешките на овие дуелите за во иднина треба да се коригираат.

„Сакам да им честитам на моите соиграчи што дадоа се од себе на овие два натпревари. Имавме набиена агенда денеска, одигравме за кратко време два дуели на кои ни фалеа двајца важни ракометари, Симиќ и Обина. Им посакувам да се вратат на теренот што побрзо. Денеска имаше и добри и лоши страни во нашата игра, кои треба да се исправат, но најважно е сега добро да се одмориме и да се посветиме потоа на натпреварите во првенството. На завршниот турнир ќе се обидеме да го дадеме најдоброто и од нас и да направиме добар резултат“, вели Гачевиќ.

Левиот бек е задоволен од приемот во Кавадарци.

„Во Кавадарци ме примија одлично, и соиграчите, и управата на клубот, и навивачите. Имаме навистина одлични навивачи, имаме добри услови, а имаме желба и мотив за работи и за добри резултати. Имавме неколку одлични резултати во плеј-офот, се надевам дека во ист стил ќе продолжиме и понатаму“, заврши Гачевиќ.

Следен предизвик за кавадарчани ќе биде гостувањето кај Пролет во суперлигашкиот плеј-оф.

ОЧЕКУВАНО: Тиквеш ќе се бори за Куп трофејот