Од 10 до 28 јануари Германија ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство во машка конкуренција. Гледачите во Минхен, Берлин, Хамбург, Келн, Манхајм и Диселдорф ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометари. 24Ракомет ви ги претставува учесниците на претстојното ЕП...
ГРУПА Б (МАНХАЈМ)
Нешто слично како групата А, и групата Б се очекува да донесе големи ракометни возбудувања. Градот Манхајм и САП Арената ќе бидат домаќини актуелниот европски вицепрвак Шпанија, која е репрезентација со најголем број медали на Европските првенства, Хрватска која е еден од претендентите за висок пласман, како и двете репрезентации кои од сенка ќе се обидат да направат изненадување, Австрија и Романија.
ШПАНИЈА
„Црвената фурија“ на ова Европско првенство ќе се обиде да направи уште еден чекор плус од последното Европско првенство на кое го освои сребрениот медал. Присуството на браќата Душебаев, голманот Перез Де Варгас, Македа, искусниот Канељас во комбинација со помладите се доволна потврда дека Шпанија повторно сонува за европскиот врв.
Селекторот Жорди Рибера ги стартуваше подготовките давајќи им шанса на одредени млади таленти како Петар Цикуша (18), и Хави Родригес да ја осетат магијата на националниот тим, но потоа тие отпаднаа од списокот, а на нивните позиции шанса ќе добијат поискусните Касадо и Тарафета. Шпанија за свој најголем ривал во групната фаза ќе ја има репрезентацијата на Хрватска која традиционално е незгоден противник за „црвената фурија“. Во преостанатите два натпревари Шпанија очекува сигурни победи над репрезентациите на Австрија и Романија.
Во пресрет на Европското првенство Шпанците организираат турнир во Гранољерс на кој ќе ја темпираат својата форма против репрезентациите на Полска, која ја совладаа со 31-25, Словачка (5 јануари) и Србија (6 јануари). По овие подготвителни натпревари селекторот Рибера ќе има јасна слика за тимот кој треба да патува во Германија.
Селектор: Жорди Рибера
Клучни играчи: Перез Де Варгас (голман), Алекс Душебаев (десен бек), Алекс Гомез (десно крило)
Распоред на натпревари:
12 јануари, 20:30, Шпанија-Хрватска
14 јануари, 18:00 Романија-Шпанија
16 јануари, 20:30 Шпанија-Австрија
ХРВАТСКА
Хрватите се уште една од топ 5 репрезентации која секогаш претендира за висок пласман на големите натпреварувања. Дури шест медали (три сребра и три бронзи) имаат „коцкестите“ во своите витрини, но златото остана неостварена желба. Најблиску до него Хрватите беа на ЕП 2008 во Норвешка кога во финалето беа поразени од Данска, и две години подоцна на ЕП во Австрија кога Карабатиќ и Франција повторно го срушија најголемиот хрватски сон.
На тој начин славната Хрватска генерација предводена од маестралниот Ивано Балиќ остана без последното делче за комплетирање на мозаикот како една од најдоминантните генерации во светот на ракометот. Секое наредно ЕП за Хрватите преставува нова шанса за исполнување на сонот, па така ќе биде и на престојното ЕП во Германија.
Селекторот Перковац селектираше една комбинирана репрезенција со искусните Циндриќ, Карачиќ и Дувњак во составот, надополнета со веќе етаблираните Степанчиќ, Шоштариќ, Шипиќ, плус младите сили како голманот на Загреб, Мандиќ, десниот бек Кларица, Тин Лучин. Состав кој несомнено има што да покаже на престојното ЕП во Германија, а посакувањата на хрватскиот тим и јавноста во оваа земја се пласман во полуфиналето. Колку се тоа реални очекувања останува да видиме на теренот.
Хрватска, традиционално последната фаза од подготовките пред настапот на големите натпреварувања ја поминува во Пореч каде од 4 до 6 јануари го организира „Кроација куп“. На првата средба избраниците на Перковац славеа против Црна Гора со 29-25.
Хрватска својот прв натпревар на ЕП ќе го одигра на 12 јануари против селекцијата на Шпанија.
Селектор: Горан Перковац
Клучни играчи: Игор Карачиќ (среден бек), Домагој Дувњак (среден бек), Лука Степанчиќ (десен бек)
Распоред на натпревари:
12 јануари, 20:30, Шпанија-Хрватска
14 јануари, 20:30, Хрватска-Австрија
16 јануари, 18:00 Хрватска-Романија
АВСТРИЈА
Австрија е репрезентација која се појавува на европската ракометна карта последнава деценија. Од почетоците на Европското првенство 1994 година, Австрија не успева да се пласира на ниедно големо натпреварување. Во 2010 година успеваат да го запишат своето прво учество на Европските првенства и тоа благодарение на улогата домаќин, пласирајќи се на деветтата позиција. Во следните десетина години Австријците имаат континуитет на пласман на големите натпреварувања, а најдобар пласман им е осмото место на ЕП на кое беа ко-домаќини заедно со Норвешка и Шведска.
Австрискиот тим предводен од словенечката легенда Алеш Пајовиќ, на ова ЕП ќе допатува како аутсајдер, ако се земе во предвид дека противници за пласман во следната фаза ќе им бидат репрезентациите на Шпанија и Хрватска. Сепак Австрија во своите редови има интернационалци кои настапуваат во најсилните ракометни првенства во светот, и секако нема предвреме да се предаде во овие дуели. Главна ѕвезда на тимот е левиот бек Никола Билик, кој со успех настапува во германски Кил. Десната бековска позиција е резервирана за еден од најдобите ракометари на Австрија последнава деценија, ветеранот Јанко Божовиќ (38) кој со своето искуство ќе биде доста значаен во играта на Австријците. Покрај нив ќе настапи и искусното десно крило Роберт Вебер, а на левата крилна позиција ќе уште еден искусен ракометар, членот на ПИК Сегед, Себастијан Фримел.
Во пресрет на Европското првенство Австрија има добар подготвителен период. На 29 декември Пајовиќ гостуваше во родната Словенија каде неговата репрезентација во ефикасен меч беше поразена минимално со 34-33. На 6 и 8 јануари се предвидени два контролни натпревари со Исланд, а својот прв натпревар на Европското првенство Австрија го игра на 12 јануари каде противник ќе им биде репрезентацијата на Романија.
Селектор: Алеш Пајовиќ
Клучни играчи: Никола Билик (лев бек), Јанко Божовиќ (десен бек), Роберт Вебер (десно крило)
Распоред на натпревари:
12 јануари, 18:00, Австрија-Романија
14 јануари, 20:30, Хрватска-Австрија
16 јануари, 20:30, Шпанија-Австрија
РОМАНИЈА
Романијa со посебни емоции пристигнува на престојното ЕП во Германија. На заспаниот ракометниот џин од втората половина на дваесетиот век, му беа потребни цели 18 години да се врати на Европските првенства. Последното нивно учество беше во 1996 година во Шпанија кога завршија на деветтото место. Чави Пасквал е човекот кој испиша историја и после скоро две децении ја врати Романија на Европските првенства, но сега почнува вистинскиот предизвик за него и неговите ракометари. Фаворити во групата се Шпанија и Хрватска, но ако Пасквал некого познава во душа тоа е “црвената фурија,“ и ќе се обиде на секаков начин тоа да го претвори во предност за Романија.
Романија ќе биде составена најголем дел од ракометари кои настапуваат во домашното првенство, како и интернационалците Андреј Бузле од Грањолерс и Демис Григорас од Бенфика. Натурализираните Анте Кудуз и Хавиер Хумет веројатно нема да настапат на ЕП.
Во подготвителниот период пред ЕП, Романците го освоија трофејот на „Трофеј Карпати“ со победи над Грција и Грузија, а настапуваат и на “Жолтиот Куп“ во Швајцарија. Таму загубија од Швајцарија на првиот меч, а ги чекаат пресметки со Аргентина и Босна и Херцеговина.
Селектор: Чави Пасквал
Клучни ракометари: Демис Григорас (десен бек), Андреј Бузле (лев бек), Јонут Јанку (голман)
Распоред на натпревари:
12 јануари, 18:00, Австрија-Романија
14 јануари, 20:30, Хрватска-Австрија
16 јануари, 20:30, Шпанија-Австрија