Вардар славеше против „сино-белите“ од Автокоманда со 29-27 и му се одмазди на тимот на Кире Лазаров за првиот пораз оваа суперлигашка сезона.
На трибините во СЦ „Јане Сандански“ меѓу другите навивачи беше присутен и Хозе Мата, Мексиканецот кој стана познат откако поради големата љубова кон Вардар основаше и клуб со истото име – Вардар Мексико.
Мата го формираше клубот во 2017 во градот Монтереј, а сега мина повеќе од 10.000 км, за првпат допатува во Македонија и за првпат следеше натпревар во живо на неговиот омилен клуб.
„За првпат сум во Македонија и за првпат гледам натпревар на мојот омилен клуб Вардар во живо“, изјави Мата за 24Ракомет.
Дресовите на Вардар Мексико се практично исти како оние на македонскиот Вардар.
„Кога Вардар ја освои Лигата на шампионите во 2017 година, тоа беше инспирација за нас. Откако станаа победници, клубот стана многу популарен и ние научивме многу за него, за неверојатните фанови и за прекрасната држава Македонија. Се вљубивме во Вардар и ова беше причината да го создадеме Вардар Мексико. Со тоа што и вторпат во 2019 година Вардар ја освои ЛШ, уште повеќе си го зацврсти местото меѓу најдобрите светски клубови“, изјави пред неколку години Хозе Мата Гомез, основачот на Вардар Мексико.