Само четири дена откако унгарскиот Ѓер ја освои титулата во Лигата на шампионите, веќе почнаа подготовките за новата сезона во елитното натпреварување. Европската ракометна федерација ги објави деветте екипи што имаат директно место во групната фаза, додека уште десет се пријавија за место во ЛШ.
Од тие десет, седум ќе добијат можност да играат во најквалитетното европско клупско натпреварување.
Данска, како најдобра федерација во Лигата на Европа има две директни места, и само еден тим плус може да аплицира за вајлд-карта. Од сите други највисоко рангирани федерации може по две екипи да аплицираат за место плус.
Сигурни учесници во групите се Будуќност, Ференцварош, Мец, Битигхајм, Крим, Есбјерг, Никобинг, Кристијансанд и ЧСМ Букурешт.
За вајлд карти се пријавија Сторхамар и Сола од Норвешка, хрватската Подравка, германската Борусија Дортмунд, потоа францускиот Брест Бретањ, данскиот Оденсе, европскиот првак и унгарски вицепрвак Ѓер, уште еден тим од Унгарија – Дебрецин, како и романските Рапид Букурешт на Сара Ристовска и Глорија Бистрица.
Системот на натпреварување останува непроменет и ќе има две групи по осум екипи. На 19 јуни ќе биде потврдено кои екипи ќе добијат вајлд-карта, а ќе биде објавено на 21 јуни, додека ждрепката е закажана за 27 јуни во Виена.