Екипата на Чаир со два порази од Славија Прага ја заврши авантурата на европска сцена каде што испиша историја, се пласираа во осминафиналето, но тимот од Чешка беше пресилен на двата натпревари и заслужено патува во четвртфиналето.
Избраничките на Басри Љатифи вчера беа поразени со 31:20, додека денеска на реванш натпреварот, кој беше само формалност, одиграа нешто подобро, но Славија Прага покажа дека има квалитет за добар пласман и триумфираше со 33:29 (18:13).
Најефикасна кај Чаир беше Стефанија Ѓорѓиевска со десет погодоци, по шест имаа Теодора Гулицоска и Теодора Дукоска. Во победничкиот тим се истакна репрезентативката на Македонија, Ангела Јанкуловска, која зад своето име запиша десет погодоци.
За Чаир сега останува фокус на домашна сцена, односно во Женската лига и Купот на Македонија. Во изминатата сезона тимот на Љатифи направи историски успех, откако го освои второто место во единственото женско сениорско натпреварување и играше финале во Купот.