Босанскиот бисер од Еурофарм Пелистер со репрезентативен повик

Селекторот на машката ракометна репрезентација на Босна и Херцеговина, Дамир Доборац, го објави списокот на ракометари за претстојниот подготвителен период, како и за двата пријателски натпревари против Црна Гора кои ќе се одиграат во јануари.

На списокот се најдоа 24 ракометари кои настапуваат низ Европа, но и во домашното првенство, а меѓу нив и интернационалци од Македонија, Полска, Франција, Германија, Словенија, Унгарија…

Средниот бек Алем Хаџиќ од македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, одново доби репрезентативен сениорски повик, а покрај него повикани се Чордалија од Келце, Фаљиќ од Загреб, Гргиќ од Нексе Нашице, Мехмедчехајиќ од Слован Љубљана, Периќ од Целје…

Првиот дел од подготовките ќе се одвива во Маглај, од 22 до 29 декември, каде репрезентацијата ќе одигра и пријателски натпревар против тимот на Маглај на 27 декември. По кратка пауза, националниот тим повторно ќе се собере на 4 јануари во Сараево, а четири дена подоцна ќе отпатува за Црна Гора.

Во Црна Гора, Босна и Херцеговина ќе одигра два контролни натпревари – на 9 и 11 јануари, кои ќе послужат како важна проверка на формата пред продолжението на репрезентативните обврски.

Овие подготовки се дел од планот за настапите во март, кога Босна и Херцеговина ќе ги одигра натпреварите од предбаражот за Светското првенство 2027 година против селекцијата на Косово.