Блажески: Без разлика на резултатот од првиот меч, во Прага одиме на победа

Ракометарите на Охрид денеска можат да испишат нова клупска историја со пласманот во четвртфиналето на ЕХФ Европскиот Куп.

Сепак работата треба да биде заокружена со реваншот против Дукла Прага, а Охрид носи девет голови залиха од првата средба што ја доби со 30-21.

Голманот Бојан Блажески вели дека тимот е подготвен да одговори на предизвикот наречен гостински терен.

„Дукла Прага е одлична екипа, резултатот од првиот меч можеби не е вистинската слика за нивните квалитети. Не чека тежок натпревар во Прага на гостински терен, одработивме тренинг и максимално сме подготвени да одговориме на предизвикот. Сериозно го сфаќаме овој меч, резултатот од првиот меч не не интересира, ако испочитуваме се што трениравме оваа недела, ќе оствариме нов позитивен резултат“, вели Блажески.

Тој не сака предвреме да размислува за тоа што следува понатаму.

„Водевме 13 разлика, победивме со девет, но можеше и со помалку. Без разлика на резултатот од првиот меч, ние на секој натпревар одиме на победа, па така ќе биде и денеска. Мора да ја завршиме работата што ја почнавме во Охрид. Прво да го оствариме пласманот во четвртфиналето, да добиеме ривал, па потоа ќе размислуваме за нашиот домет оваа сезона во ЕХФ Европскиот Куп. Ќе одиме чекор по чекор“, заврши Блажески.

Натпреварот меѓу Дукла Прага и Охрид се игра вечерва во СЦ „Репи“ во Прага со почеток од 18:00 часот.